Иран се откажа од збогатениот ураниум, Техеран начелно се согласи со договорот, тврди функционер на Трамп

24.05.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран се откажа од збогатениот ураниум, Техеран начелно се согласи со договорот, тврди функционер на Трамп

Иран во принцип се согласи да се ослободи од својот високо збогатен ураниум во преговорите со САД, а врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, наводно, го одобрил нацрт-договорот, изјави функционер во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека договорот нема да биде потпишан овој викенд бидејќи сè уште има контроверзни детали, објави денес новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, на мрежата „Икс“.

Според изворот, иако Моџтаба Хамнеи го одобрил нацрт-договорот, останува отворено прашање дали тој ќе се претвори во конечен договор.

Неименуван функционер, исто така, потврди за „Си-Би-Ес њуз“ дека иранскиот лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, го одобрил нацрт-договорот.

Функционерот рече дека сè уште има „размена на мислења“ за одредени делови од договорот, како и несогласувања околу формулацијата, со оценка дека „некои зборови се важни за нас, а некои се важни за нив“.

Според него, системот за донесување одлуки на Иран е бавен во својата сегашна конфигурација, поради што ќе бидат потребни неколку дена за да се завршат сите потребни внатрешни процедури и одобренија.

Претходно денес, „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски функционер, објави дека САД и Иран се блиску до потпишување договор што вклучува 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, отворање на Ормутскиот теснец и можност Иран повторно слободно да продава нафта.

Исто така, се очекува, како што е наведено, да започнат сеопфатни преговори за ограничување на нуклеарната програма на Иран.

Во текот на 60-дневниот период на прекин на огнот опфатен со Меморандумот за разбирање, Ормутскиот теснец би бил отворен без наплата на такси, а Иран би се согласил да ги отстрани мини поставени во водите на теснецот за да можат бродовите слободно да пловат.

Во замена за овие обврски од страна на Иран, САД би ја укинале блокадата на иранските пристаништа и би спровеле одредени исклучоци од санкциите за да може Иран слободно да продава нафта.

Нацрт-договорот, исто така, вклучува обврска на Иран никогаш да не се обиде да произведува нуклеарно оружје и да преговара за прекин на неговата програма за збогатување на ураниум и отстранување на неговите залихи од високо збогатен ураниум, објавува американскиот портал.

Иран им дал на САД, преку посредници, усни гаранции за обемот на отстапки што е подготвен да ги направи во врска со запирањето на збогатувањето и предавањето на нуклеарен материјал, додава Аксиос.

Во него се наведува дека доколку Техеран е подготвен да ги исполни американските барања во врска со неговата нуклеарна програма, постои можност за „ресетирање“ на односите меѓу двете земји и Иран да се обиде да го реализира својот целосен економски потенцијал.

Во меморандумот, исто така, се наведува дека на Израел ќе му биде дозволено да ја нападне либанската милитантна група Хезболах доколку групата започне или изврши напади врз еврејската држава.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата