Иран постави ултиматум за отворање на Ормускиот теснец

29.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран постави ултиматум за отворање на Ормускиот теснец

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, за иранската државна телевизија изјави дека Техеран го отфрлил претходниот предлог на Оман за рамноправна поделба на транзитните рути, со образложение дека таквото решение не ги задоволува безбедносните барања на Иран сè додека не се постигне долгорочна регионална стабилност.

Гарибабади предупреди дека Ормускиот теснец ќе остане затворен доколку Мускат го отфрли предлогот на Иран, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Иран повеќе не ја признава Шемата за раздвојување на сообраќајот (TSS) усвоена од Меѓународната поморска организација, тврдејќи дека таа главно се наоѓа во оманските води и не му овозможува на Техеран доволна контрола врз бродовите што минуваат низ теснецот.

Според него, традиционалната рута низ средината на теснецот моментално не се користи поради опасноста од мини, па бродовите се пренасочени кон северната рута долж Иран и јужната рута долж Оман.

„Ова е прашање на национална безбедност, а не обид за вршење притисок“, изјави Гарибабади, истакнувајќи дека Иран претходно не го оспорувал користењето на рутата TSS, која со децении се наоѓа во оманските води.

Иранскиот функционер исто така предупреди дека Техеран нема да дозволи која било трета земја – дури и ако е поканета од Оман – да учествува во расчистувањето на мините во Ормускиот Теснец.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата