По проценките на дел од воените аналитичари дека војната не може да се добие без војници на терен, Трамп вели дека Иран веќе загуби се и оти американска копнена офанзива би била губење време.
-Немаат воздухопловни сили, ниту воздушна одбрана. Сите нивни авиони се исчезнати. Нивните комуникации ги нема. Ракетите им ги нема. И покрај тоа, се справуваат прилично добро. Реков, што им остана? Но, тие се жилави и сакаат да се борат. И ми се јавуваат и прашуваат „како да се договориме?“. Им реков, малку доцните. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Но, Техеран го тврди спротивното, ниту барал преговори, ниту прекин на огнот. Шефот на дипломатијата вели дека американско – израелската офанзива не ја исполнила саканата цел, а дека евентуална копнена акција ќе биде фатална за сојузниците.
-Јасно е дека САД не успеаја да ја постигнат главната цел – чиста и брза победа. Сега тие зборуваат за план „Б“. Јас верувам дека планот „Б“ би бил уште поголем неуспех. Чекате американската војска да навлезе со копнени трупи? –Да, бидејќи сум убеден дека можеме да се соочиме и тоа ќе биде катастрофа за нив. , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Но, дали копнената офанзива може да пристигне од соседен Ирак, по се погласните информации дека илјадници ирачки Курди се подготвени да упаднат во Иран и да предизвикаат бунт против режимот во Техеран. Иако Вашингтон негира, неколку угледни медиуми пренесуваат дека ЦИА и Мосад наводно им ветиле завиден степен на автономија на Ирачките Курди, а дел од нивните лидери не исклучуваат таква можност.
-Ги подготвивме сите воени сценарија и во однос на моменталната состојба во Иран, подготвени сме да дејствуваме и да преземеме водечка улога. , изјави Хасан Шарафи, демократска партија на Ирански Курдистан.
Израел и денеска ги продолжи жестоките напади врз Иран и јужен Либан, а соопшти и дека со 50 авиони го уништиле неодамна изградениот подземен бункер наменат за ликвидираниот ирански ајатолах Хамнеи, кој не успеал да го користи. Техеран се уште официјално не избра негов наследник, иако се поизвесно е дека тоа ќе биде неговиот син, Моџтаба Хамнеи.

