Индија ја очекува посетата на Путин на крајот на месецов, тврди советник на Моди

7.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Индија ја очекува посетата на Путин на крајот на месецов, тврди советник на Моди

 Индија ја очекува посетата на рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на август и се надева на значајни резултати од состанокот на двајцата лидери, изјави Аџит Довал, советник за национална безбедност на индискиот премиер Нарендра Моди.

„Драго ни е за посетата на претседателот Путин на нашата земја, закажана за крајот на август. И многу е важно самитот да постави нови насоки за развој и да даде значаен, опиплив резултат во преговорите. Затоа, се надевам дека оваа средба ќе ни даде можност да ги процениме нашите позиции со цел да се подготвиме за самитот“, рече советникот на индискиот премиер на средбата со секретарот на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу во Москва.

Тој нагласи дека Њу Делхи и Москва досега воспоставиле „многу добри односи“ кои се високо ценети во Индија.

„Ова е стратешко партнерство меѓу нашите земји. Соработуваме на високо ниво, а овие состаноци придонесуваат за зајакнување на нашите односи“, додаде Довал.

На 6 август, САД воведоа дополнителни тарифи од 25 проценти за Индија поради купување руска нафта и нафтени деривати. Така, царините за увоз на индиска стока во САД се зголемени на 50 проценти, а индиското Министерство за надворешни работи ги нарече овие постапки неправедни, неосновани и неразумни и најави дека ќе ги преземе сите потребни мерки за да ги заштити своите интереси. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата