Германските еко-активисти се залепија за асфалт на 20 улици во Берлин, возачите бесни (ВИДЕО)

18.09.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германските еко-активисти се залепија за асфалт на 20 улици во Берлин, возачите бесни (ВИДЕО)

Во текот на утрото полицијата евидентирала повеќе од 20 блокади на витални патишта во градот и на приодите кон градот, а спречени се и неколку блокади“, соопшти полицијата преку социјалните мрежи.

Активистите на Последната генерација, од кои многумина специјално за овие акции во последните денови пристигнале од други делови на Германија, ги блокираа патиштата користејќи го претходно применетиот начин на лепење со специјален лепак за асфалт.

При отстранувањето на демонстрантите од коловозите, на места бил оштетен и тротоарот, а полицијата зборува за нови мешавини од специјален лепак што уште повеќе го отежнува одвојувањето на демонстрантите од асфалтот.

Многу возачи гласно свиреа за да протестираат против блокадата и создавањето на голем сообраќаен метеж, поради што многумина доцнеа на работа. На неколку места возачи физички ги нападнаа демонстрантите, а еден возач ги нападна демонстрантите со одбранбен бибер спреј. Полицијата против напаѓачите поднесе кривична пријава за нанесување телесни повреди и ги предупреди граѓаните да не ја земаат правдата во свои раце.

„Целосно разбираме дека возачите се иритирани од протестите, но апелираме до граѓаните да не преземаат ништо сами и да не прибегнуваат кон сила“, соопштија од полицијата.

Во исто време, агенциите јавуваат дека некои минувачи ги фалат постапките на Последната генерација и дека оставаат букети цвеќе за демонстрантите.

Последната генерација најави интензивирање на акциите оваа недела, а „неделата на акција“ беше промовирана вчера кога активистите ја испрскаа Бранденбуршката порта, заштитен знак на Берлин.

Според анкетите на јавното мислење, огромно мнозинство граѓани не ги поддржуваат акциите на Последната генерација и веруваат дека акциите прават повеќе штета отколку корист за борбата против климатските промени.

Последната генерација бара од германската влада да ги забрза активностите за запирање на климатските промени, меѓу другото со воведување општо ограничување на брзината на автопатите и уште повеќе субвенционирање на јавниот превоз.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата