„Не, Франција нема да го стори тоа. Франција сака да ѝ помогне на Италија да ги контролира своите граници за да ги спречи луѓето да доаѓаат“, рече Дарманин во интервју за радиото „Европа 1“ пред неговата посета на Рим.
„Би било погрешна проценка да се мисли, бидејќи мигрантите пристигнуваат во Европа, дека мора веднаш да бидат распределени низ Европа и Франција, што веќе прави доволно“, додаде тој. Дарманин рече дека патува во Рим на барање на претседателот Емануел Макрон за да разговара за европската соработка во врска со пристигнувањето на мигрантите на Лампедуза.
„Она што сакаме да им го кажеме на нашите италијански пријатели, за кои верувам дека целосно се согласуваат, е дека треба да ги заштитиме надворешните граници на ЕУ и, пред сè, веднаш да ги разгледаме барањата за азил. Ако тие не ги исполнуваат условите, луѓето треба да бидат вратени во нивната земја.“ рече Дарманин.
Францускиот министер ќе се сретне со неговиот италијански колега Матео Пјантедоси. Италијанската влада се соочува со прилив на мигранти, а денеска ќе воведе мерки за продолжување на притворот на мигрантите и ќе обезбеди враќање на повеќе луѓе кои немаат право на престој, соопштија официјални лица.
Владата одлучи да го продолжи притворот на мигрантите кои чекаат да се вратат во нивната матична земја на најмногу 18 месеци наместо три, соопштија официјални лица. Министрите ќе одобрат изградба на повеќе центри за притвор во изолирани области. Според владините податоци годинава во Италија пристигнале повеќе од 127.000 мигранти, што е речиси двојно повеќе од истиот период во 2022 година.
Официјални лица велат дека повеќето мигранти одат во Италија од економски причини и затоа немаат право на азил. АНСА јавува, повикувајќи се на телевизијата БФМ, дека Франција ќе формира нов привремен прифатен центар за мигрантите и бегалците кои пристигнуваат преку границата со Италија.
Новиот објект треба да биде лоциран во Ментон, со капацитет до 200 луѓе дневно. Точната локација на новиот прифатен центар, кој ќе ги замени постоечките капацитети кои сега се сметаат за несоодветни за да се справат со поголемиот прилив на мигранти кои преминуваат од Италија кон Франција, ќе се знае утре.