Фон дер Лајен учествува на Конференцијата на ОН за океаните во Ница

9.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен учествува на Конференцијата на ОН за океаните во Ница

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во состав на делегацијата на Еврокомисијата што ќе учествува на Конференцијата ќе бидат и еврокомесарите за Медитеранот Дубравка Шуица, за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија Јесика Росвал, за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас и за рибарство и океаните Коста Кадис. 

Според најавата, Фон дер Лајен претпладнево ќе има воведно обраќање на првиот пленарен состанок на Конференцијата, при што ќе се осврне на напорите на Европската комисија за унапредување на глобалната заштита на океаните. 

Попладне, Фон дер Лајен ќе присуствува на промоцијата на дигиталната алатка Европски океански дигитален близнак (ЕДТО), наменета за подобрување на општото разбирање за минатото и сегашноста на океаните, како и за обезбедување веродостојни предвидувања за нивната иднина. 

Подоцна во текот на денот Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и еврокомесарот Кадис ќе го презентираат Европскиот пакт за океаните. Станува збор за кохерентна стратегија за подобра заштита на океаните, промовирање на просперитетна сина економија и поддршка на благосостојбата на луѓето што живеат во крајбрежните области. Пактот ги поврзува политиките на ЕУ за океаните во една единствена референтна рамка, адресирајќи ги значајните закани со кои се соочуваат океаните и крајбрежните заедници.  

Во пресрет на денешниот форум, Фон дер Лајен синоќа присуствуваше на вечера што за лидерите учесници на Конференцијата ја организираше францускиот претседател, Емануел Макрон. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата