ЕУ воведе санкции кон тројца сириски министри поради кршење на човековите права

26.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ воведе санкции кон тројца сириски министри поради кршење на човековите права

 Советот на ЕУ донесе одлука на листата на физички и правни лица кон кои се воведени рестриктивни мерки поради случувањата во Сирија, да додаде тројца членови на сириската Влада поради поврзаност со континуираната репресија и кршењето на човековите права, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Станува збор за неодамна именуваните министри за внатрешна трговија и заштита на потрошувачите, Луаји Емад Ел-Дин ал-Мунајџид и за нафта и минерални ресурси, Фирас Хасан Гадур и за државниот министер Ахмед Мохамад Бустаџи. 

Како што се наведува во одлуката на Советот на ЕУ, како членови на Владата на Сирија, тројцата ново санкционирани ја споделуваат одговорноста за „континуираната насилна репресија на сирискиот режим врз цивилното население“. 

На тројцата сириски министри им се забранува патување во ЕУ и им се замрзнува имотот во Унијата, а на поединци и субјекти од блокот им се забранува директно или индиректно да им обезбедуваат средства или економски ресурси. 

На листата на ЕУ на санкционирани поради случувањата во Сирија, воведена во 2011 година, сега се наоѓаат 318 лица и 86 ентитети. 

- Европската Унија повторува дека единствениот пат кон одржлив мир во Сирија е политичко решение во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации. ЕУ ја осудува континуираната политика на репресија и кршење на човековите права врз сопственото население од страна на сирискиот режим, како и неговата децениска опструкција на политичкото решение (на конфликтот), се наведува во соопштението. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата