ЕУ воспоставува хуманитарен мост за помош на жителите на Сирија

13.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ воспоставува хуманитарен мост за помош на жителите на Сирија

- Колапсот на режимот на Асад нуди нова надеж за сирискиот народ. Но, овој момент на промена носи и ризици и тешкотии, порача Фон дер Лајен во врска со одлуката на ЕК да започне нова операција за воспоставување хуманитарен воздушен мост за обезбедување итна здравствена заштита и други основни материјали за лицата во Сирија на кои им се најпотребни. 

Фон дер Лајен најави дека за испораката на хуманитарна помош за Сирија во вторник ќе разговара и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. 

- Ние стоиме крај народот на Сирија, нагласи Фон дер Лајен. 

Еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб, пак, порача дека со ваквата одлука Европската комисија ја зголемува хуманитарна помош со конкретна поддршка за присилно раселените и лицата погодени од тешката ситуација во Сирија.  

- Нашите нови летови на хуманитарниот мост ќе доставуваат помош за спасување животи. Додека сме сведоци на историска промена која може да понуди можности за конечно постигнување мир и стабилност за луѓето во Сирија, не смееме да ги загубиме од вид хуманитарните последици врз цивилите од интензивирањето на непријателствата и конфликтите, додаде Лабиб. 

Според портпаролката на ЕК за социјални права, вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравје Ева Хрнчирова, за справување со многу сложената хуманитарна состојба во Сирија, ЕУ во рамките на овој пакет во земјата ќе достави 96 тони помош. 

- Летовите за доставување помош финансирани од ЕУ ќе пренесат вкупно 50 тони здравствени материјали од залихите на Европската Унија во Дубаи, кои ќе бидат транспортирани во Адана во Турција, од каде во наредните денови ќе бидат дистрибуирани преку границата во Сирија, истакна Хрнчирова. 

Таа информира дека дополнителни 46 тони здравствени и образовни материјали и објекти за сместување од други залихи на ЕУ во Данска, ќе бидат транспортирани со камиони до Адана и доставени до Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација (СЗО) за да бидат дистрибуирани во Сирија. 

- Комисијата, исто така, мобилизираше дополнителни четири милиони евра за покривање на најитните хуманитарни потреби на луѓето, со што вкупната хуманитарна поддршка во 2024 година ќе достигне 163 милиони евра, додаде Хрнчирова. 

Одлуката за оваа дополнителна поддршка има за цел да ја зголеми хуманитарната помош што се дистрибуира преку хуманитарните партнери на ЕУ кои оперираат во Сирија. Помошта ќе вклучува обезбедување медицински комплети за траума, материјални за пополнување на резервите во здравствените установи, времени објекти за сместување, средства за санитарна поддршка, како и пакети со храна за 61.500 луѓе во северна Сирија. 

Еврокомисијата посочува дека во текот на Граѓанската војна во Сирија изминативе 13 години, ЕУ и нејзините земји членки обезбедија над 33,3 милијарди евра хуманитарна, развојна, економска и стабилизациска помош, поддржувајќи ги Сиријците, како оние во земјата, така и оние раселени во околните држави во регионот. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата