ЕУ во расчекор меѓу амбициите на зелената транзиција и реалноста во земјоделството

6.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ во расчекор меѓу амбициите на зелената транзиција и реалноста во земјоделството

Напредок во процесот на зелената транзиција е еден од трите врвни приоритети на Данското претседателство со Советот на ЕУ, но се чини дека остварувањето на оваа цел нема да оди лесно кога Брисел е повеќе заинтересиран за европската конкурентност, отколку за емисиите на јаглерод диоксид.  

Ова особено важи кога станува збор за прашањата поврзани со земјоделството и емисиите на штетни гасови во земјоделскиот сектор. 

Во пресрет на стартот на претседавањето на Данска со Советот на ЕУ, данскиот министер за зелена транзиција Јепе Брус изјави дека Копенхаген сака своето искуство во прилагодување на еколошката политика на интересите на земјоделците да го пренесе и на ниво на Унијата, признавајќи дека остварувањето на „големите амбиции“ на земјата поврзани со животната средина нема да биде лесно во услови кога треба да се „гаснат пожари“ меѓу климата и земјоделството  

- Можеме да решиме многу од кризите во кои се наоѓаме - климатската криза, кризата со биолошкиот диверзитет, со создавањето работни места и обезбедувањето раст, а во исто време да постигнеме безбедност на храната на одржлив начин. На ова гледаме како на задача што го комбинира она во што сме добри, изјави Брус во интервју минатиот месец. 

Данска минатата година воведе данок на емисиите на стакленички гасови во земјоделството, со што стана прва земја во светот со ваква регулатива. Со неа се предвидува оданочување на емисиите на стакленички гасови почнувајќи од 2030 година, а приходите од тоа би се користеле за еколошки иницијативи и за поддршка на земјоделците при зелената транзиција.  

Според статистичките податоци, земјоделството во Данска е одговорно за речиси 29 проценти од вкупните емисии на стакленички гасови и за околу 80 проценти ослободените количества на метан и азотен оксид. 

Данската Влада постави за цел намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година за 70 проценти од нивото во 1990 година, план чие остварување би бил невозможен без преземање мерки во рамки на земјоделската политика за поддршка на земјоделците и биодиверзитетот и за обнова на девастираните почви. 

[Глобалното загадување на воздухот и емисиите на штетни гасови се во корелација со глобалната стапка на смртност од Ковид-19, се наведува во денеска објавениот извештај на Обединетите нации за]

Како резултат на ова во преговори со претставници на земјоделците, индустријата и еколошките организации, данската Влада обезбеди широк општествен консензус за договор за воведување на даноци за емисиите на штетни гасови насочени кон зајакнување на климатската одговорност. 

Данска се надева дека искуството од постигнувањето на овој консензус ќе може да го користи во преговорите меѓу Европарламентот, Советот на ЕУ и Европската комисија за прилагодување на целите на зелената транзиција со интересите на земјоделството и остварување на политиките за дерегулација и зајакнување на конкурентноста. 

Прв предизвик на Данска во тој правец ќе биде стартот на дискусиите за Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година во делот на последиците врз потрошувачката на земјоделските производи и идната заедничка земјоделска политика на Унијата. На тоа ќе се надоврзат и преговорите за правилата за новите техники за генетска модификација и за транспорт на животни, за кои постојат спротивставени и често емотивни и политички базирани ставови. 

Како резултат на масовните земјоделски протести ширум Европа во периодот од крајот на 2023-та и првите месеци од 2024 година, тогашната Европска комисија иницираше „стратешки дијалог“ со земјоделскиот сектор, кој резултираше со многу ветувања околу олеснување на еколошките барања за земјоделците, од кои досега се реализираа само оние за промена на правилата за безбедноста на земјоделските производи и за конкурентноста во земјоделството.  

Брус нагласува дека Данска има висок кредибилитет во развојот на зелено земјоделство, но сепак признава дека нема да биде лесно нејзините искуства во оваа сфера „да ги продаде“ на другите 26 земји членки на ЕУ. 

Професорот по европска земјоделска политика на колеџот „Тринити“ во Даблин, Алан Метјуз смета дека Данска е уникатен случај во однос на зелената земјоделска политика и мерките за справувањето со емисиите на штетни гасови од земјоделството, но дека повеќето други земји членки на ЕУ не се подготвени да го следат нејзиниот пример. 

Така, Ирска е воздржана во мерките за остварување на климатските цели, водејќи сметка да ги заштити своите млечни и месни индустрии, додека новата Влада во Германија не е премногу склона кон експериментирање за прашања поврзани со зелената транзиција. 

Според Метјуз, дополнителен проблем за Данска во остварувањето на своите цели за зелената транзиција е и тоа што не може да смета на Европската Комисијата како доверлив партнер за овие прашања. 

- Еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен и Генералниот директорат за земјоделство веќе не ставаат приоритет на климатската или зелената агенда и сега популарни зборови за земјоделската политика се конкурентност и отпорност, што значи прилагодување на целите за ограничување на климатските промени, смета Метјуз. 

Од друга страна, според него, во Генералниот директорат за климата на Европската комисија им е јасно дека земјоделството ќе мора да даде многу поголем придонес во остварување на новопоставената амбициозна цел на ЕУ за намалување емисиите на стакленички гасови до 2040-та за 90 проценти во однос на нивото од 1990 година. 

Метјуз смета дека во прилог на Данска не оди и тоа што Генералниот директорат за климата нема значајна улога во преговорите за Заедничката земјоделска политика на ЕУ, па од таму неговите ставови околу климатските амбиции ќе немаат голема тежина. 

Од таму малку е веројатно дека Данското претседателство ќе може да доведе до радикално преобликување на земјоделската политика на ЕУ, но сепак би можело да помогне во поттикнување на долгорочно размислување за иднината кохезија меѓу климата и земјоделството. 

За остварување на своите планови, Данска би можела да ја искористи Стратегијата за биоекономија на ЕУ, која се очекува да биде промовирана кон крајот на 2025 година, и во неа да внесе некои идеи поврзувајќи ја одржливоста со климатските цели. 

Брус во интервјуто посочи и дека е потребно ЕУ да им обезбеди предвидливост за земјоделците, доколку сака тие да станат „позелени“, за што се потребни конкретни мерки за Заедничката земјоделска политика со Буџетската рамка за по 2027 година 

Во вакви услови доколку Данска сака да остави свој белег во земјоделската политика веројатно ќе треба помалку да се насочи кон усвојување ново законодавство, а повеќе да се залага за одржување на зелената транзиција во живот, во време кога многумина би сакале да ја маргинализираат.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата