ЕУ и САД утре треба да ги продолжат трговските преговори по два месеца пауза

23.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ и САД утре треба да ги продолжат трговските преговори по два месеца пауза

Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, и трговскиот претставник Џејмисон Грир, ќе одржат состаноци на високо ниво во Брисел во понеделник со министри, комесари на ЕУ и претставници на индустријата, објавува „Гардијан“.

Средбите лице в лице се првите откако започна шестнеделното затворање на американската влада на почетокот на октомври.

Лутник и Грир се поканети на заеднички ручек со 27-те министри за трговија кои се состануваат на самит во понеделник.

„Треба да останеме фокусирани, не сакаме поединечните земји да бараат посебни договори за ова или она прашање“, рече изворот, зборувајќи под услов да остане анонимен.

Брисел постигна договор со американскиот претседател Доналд Трамп во јули за да ја избегне неговата закана за царини од 50 проценти, кога се согласија за основна стапка од 15 проценти за поголемиот дел од увозот на ЕУ во САД.

Сега, претставниците на Вашингтон јасно го искажаа своето незадоволство од бавното спроведување на неправно обврзувачкиот договор од страна на ЕУ, кој мора да биде одобрен од парламентот, што би можело да потрае до февруари.

Меѓу клучните прашања што се очекува да се решат на разговорите во понеделник се континуираните тарифи од 50 проценти за челик и алуминиум, посебните тарифи за производи што содржат челик и даноците за храна и пијалоци.

Неколку членови сакаат да се укине данокот од 15 проценти за вино и жестоки пијалоци, вклучувајќи ја Франција, која е погодена од тарифи за коњак, Ирска за виски и сите земји производители на вино.

Пред вечерата во понеделник вечер, Лутник и Грир ќе одржат состаноци со комесарот на ЕУ за трговија, Марош Шефчовиќ, комесарот за одбрана, Андриус ​​Кубилиус, и комесарката за технологија, Хена Виркунен, за да разговараат за тековната криза со снабдувањето со чипови од Кина.

Тие, исто така, ќе се сретнат со претставници на индустријата на бизнис тркалезна маса на која се очекува да учествуваат лидери од компании како што се германскиот „Фолксваген“ и францускиот „ТоталЕнерџис“, велат изворите.

ЕУ и САД ќе разговараат и за можноста за координација за заштита на домашната челична индустрија од поевтин кинески увоз.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата