ЕСЧП го одби барањето на Ле Пен за суспензија на извршувањето на нејзината казна

9.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕСЧП го одби барањето на Ле Пен за суспензија на извршувањето на нејзината казна

Судот процени дека не постои ризик од непоправливо кршење на нејзините права.

Ова е, како што пишува „Фигаро“, дополнителен удар за Националниот собир на правен план, откако во седиштето на партијата беше извршен претрес од страна на судски истражители на париското обвинителство во рамките на истрага за финансирањето на кампањата на последните избори.

Ле Пен, која и понатаму планира да се кандидира на претседателските избори во 2027 година, побара од судиите на ЕСЧП, како привремена мерка пред конечното одлучување за случајот, да го суспендираат извршувањето на нејзината казна забрана за кандидирање на избори. Оваа казна беше донесена со непосредно извршување и покрај жалбата до апелацискиот суд.

Европскиот суд за човекови права во соопштение наведе дека го одбил ова барање врз основа на член 39 од својот правилник, со кој им се овозможува на подносителите да бараат привремена суспензија на судска одлука, бидејќи „не постои непосредна опасност од непоправлива штета за право заштитено со Европската конвенција за човекови права“. Одлуката е донесена едногласно од сите седум судии кои го разгледуваа барањето.

Овој чекор, објаснува „Фигаро“, претставува прв неуспех за Марин Ле Пен во постапката пред ЕСЧП, но таа поднесе и второ барање кое ќе биде разгледувано на подолг рок. Во него, таа ја оспорува самата казна за забрана за кандидирање, тврдејќи дека таа ги крши правата на одбрана и слобода на избор во Франција.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата