Ексклузивна репортажа на Јован Ѓорговски за Друзе народот на границата меѓу Израел и Сирија

6.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ексклузивна репортажа на Јован Ѓорговски за Друзе народот на границата меѓу Израел и Сирија

Изолирани, но не и отсечени. Во срцето на случувањата, а одлучни да останат свои. Народ кој ја носи својата традиција не како товар, туку со гордост – внимателно, достоинствено, и далеку од вревата на светот.

Во северниот агол на Голанската висорамнина, таму каде облаците се сретнуваат со камените врвови е Маџдал Шамс, или на македонски -  „Кулата на Сонцето“. Тука живее заедница чиј идентитет е вткаен од историјата, молкот и вербата. Тоа се Друзите — народ без татковина, но со длабоки корени, луѓе кои не се бројни, но се непоколебливи.

Друзите не се верба која се шири, туку се завет што се чува. Нивната религија е таинствена, не од срам, туку од светост. Само доколку двајцата родители се дел од Друзе народот може да станете дел од оваа религија, за сите останати тоа не е дозволено. Само мал дел од нив, имаат пристап до целосната духовна доктрина, која пак не е напишана во ниту едно свето писмо, туку се пренесува од колено на колено. За нив, животот е верба во себе — преку чест, лојалност, и заедништво. Зборот тежи колку камен, а ветувањето е свето како молитва.

Маџдал Шамс не е обично село. Тоа е раскрсница на идентитети: сириски во срце, израелски по документи, а Друзе во душата. Од прозорците на куќите, луѓето гледаат кон Сирија — земја која им е блиска по крв, а далечна иако се на самата граница. Војната од другата страна можеби стивна, ама не исчезна. Во воздухот се чувствува тензија, страв од нестабилност и нови играчи во соседството.

-На мојата десна страна е Маџдал Шамс, град под контрола на Израел, лево пак е сириската граница и Сирија. Голанската висорамнина важи за едно од најоспоруваните места на планетата земја. Вулканското плато кое важи за порта кон Дамаск и Сирија уште од далечната 1967 година е под контрола на Израел.

Војната во минатото поделила цели семејства, а поради новата линија на контакт меѓу Израел и Сирија голем дел од роднините од двете страни за блиските во Сирија дознавале преку мегафони од околните ридови. Доказ дека крвта не признава граници.

Но дури и овде, на овие височини каде времето понекогаш изгледа како да мирува, болката не прашува каде ќе удри. Случувањата во регионот не го поштедија ниту Маџдал Шамс. Пред неполна година, ракета истрелана од Хезболах го погоди фудбалското игралиште, во миг кога таму играа деца – гласни, живи, безгрижни. Дванаесет животи згаснаа – деца на возраст од 11 до 16 години. Меѓу нив – браќа и сестри, братучеди, соседи, соученици. И Венес Сафади. Нејзиниот татко, Адам, не пречека токму на тоа игралиште. Гордо говореше за неговата ќерка, иако неговиот поглед беше вперен некаде далеку во хоризонтот.

Во срцето на религијата на Друзите лежи едно необично и моќно верување — реинкарнацијата. За нив, смртта не е крај, туку премин. Секоја душа, велат, се раѓа повторно — веднаш и без одлагање. Поради тоа, тагувањето е ограничено. Само два месеца им се дозволени на најблиските. Повеќе од тоа, веруваат дека ќе и наштети на душата во новиот живот – ќе и донесе немир, болест, несреќа. Телата не се погребуваат на традиционален за нас начин. Наместо тоа, нивните коски се чуваат во семејни гробници — како симбол на припадност, но и како знак дека телото е минливо, а душата – вечна. Денот го завршивме во домот на Фаузи Сафеди, каде не бевме гости, туку дел од нејзиниот мал свет. Дом каде се зборува и арапски и еврејски, каде спомените од минатото живеат заедно со надежта за иднината. Ни раскажа дека никогаш не се оддалечила 500 метри од нејзиниот дом, а гордо ни кажа за нејзините пет деца кои живеат во САД и Европа.

На ѕидовите од нејзиниот дом фотографии на роднини во сириска униформа од времиња кои денес изгледаат како нечиј туѓ сон. Но, покрај тие спомени, со почит зборуваше за израелските војници, кои како што кажа, секогаш се добредојдени. Кај нив, велат, мора да се изедат најмалку три чинии, за домаќинот да не помисли дека не сте среќни или пак, не ви се допаѓа оброкот. И ние јадевме, не од учтивост, туку од срце. И јагнешко, и хумус, и пилав, и салати, пита леб и сок од калинка. За крај, со традиционално црно кафе и кутија со цреши, како подарок за сладок пат заминавме со чувство дека видовме нешто ретко – едноставен живот кој опстојува меѓу граници, загуби и неизвесности. На место каде височините се стрмни, се потсетивме дека достоинството и хуманоста знаат да бидат најсветли таму каде што светот некогаш изгледа најтемен.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата