ЕК промовираше Акциски план за зајакнување на кибер безбедноста во здравствениот сектор

15.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК промовираше Акциски план за зајакнување на кибер безбедноста во здравствениот сектор

Извршната потпретседателка на Еврокомисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен при презентацијата на Планот нагласи дека модерното здравство направи неверојатен напредок со дигиталната трансформација, со што се подобри здравствена заштита на граѓаните.  

- За жал, здравствените системи, исто така, се предмет на инциденти и закани по кибер безбедноста. Затоа инициравме Акциски план за да се осигураме дека здравствените системи, институциите и поврзаните медицински помошни установи се отпорни на кибер напади, рече Виркунен.  

Според неа, согласно медицинската максима „подобро е да се спречи, отколку да се лекува“, Европската комисија со овој План презема мерки за спречување на појавата на кибер напади.  

- Но, ако се случат, треба да имаме се што е потребно за да ги откриеме, брзо да реагираме и да закрепнеме од нив, додаде Виркунен. 

Според еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји, дигиталните технологии и решенија отворија нови можности за здравството, овозможувајќи прецизна медицина, следење на состојбата на пациентите во реално време и беспрекорна прекугранична комуникација помеѓу давателите на здравствени услуги.  

- Но, дигитализацијата е силна само ако влева довербата и ако е отпорна од кибер напади. Пациентите мора да се чувствуваат сигурни дека нивните најчувствителни информации се безбедни, рече Вархеји, 

Но, покрај пациентите, според него, исто така и здравствените работници мора да имаат доверба во системите што секојдневно ги користат за да спасуваат животи.  

- Денешниот Акциски план е важен чекор кон обезбедувањето на таа доверба и создавање поотпорен здравствен систем за иднината, додаде Вархеји. 

Овој Акциски план беше најавен од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како еден од нејзините клучни приоритет во првите 100 дена од новиот мандат, имајќи предвид дека во здравствените сектори на земјите членки на ЕУ во 2023 година биле регистрирани 309 поголеми инциденти поврзани со кибер безбедноста. 

- Дигитализацијата носи револуција во здравството, овозможувајќи подобри услуги за пациентите преку иновации, како што се електронски здравствени картони, телемедицина и дијагностика со помош на вештачката интелигенција. Сепак, кибер нападите може да ги одложат медицинските процедури, да создадат блокади во салите за итни случаи и да ги нарушат виталните услуги што, во тешки случаи, може да имаат директно влијание врз животите на Европејците, посочи Еврокомисијата. 

[Во Љубљана утрово почна главното судско рочиште против 11 лица и една компанија, кои се дел од најголемата здравствено-корупциска афера во Словенија. На првото рочиште кое се одржа во мај и ј]

Со Планот се предвидува формирање на Паневропски центар за поддршка на кибер безбедноста на болниците и здравствените установи, кој ќе им обезбедува насоки, алатки, услуги и обука.  

Главни приоритети на Акцискиот план се засилена превенција преку изградба на капацитетите за спречување на кибер инциденти во здравствениот сектор, создавање на систем за побрзо откривање и идентификација на заканите, максимално намалување на времето потребно за одговор на кибер нападите и зајакнување на можностите на европските здравствени системи за одвраќање на кибер заканите. 

Комисијата најави дека наскоро ќе започне јавна консултација за Планот во која ќе може да учествуваат сите граѓани и засегнати страни. Од овие консултации се очекува да произлезат дополнителни препораки кои до крајот на годината би биле вклучени во Планот. 

Примената на Акцискиот план, кој претставува прв чекор во процесот за зајакнување на кибер безбедноста во здравствениот сектор во ЕУ, предвидено е да започне етапно во текот на 2025 и 2026 година. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата