Повеќе од 5.000 луѓе беа евакуирани во засолништа низ Јужна Кореја на третиот ден од обилните дождови што предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, убија најмалку четири лица и предизвикаа сериозна штета на инфраструктурата, соопшти Министерството за јавна безбедност на земјата.
Предупредувањата за обилни дождови остануваат на сила за поголемиот дел од западните и јужните региони на земјата, а метеоролошките агенции предупредуваат на можноста за полошо време до утре, објави Ројтерс.
Најголемите врнежи од дожд се регистрирани во јужните области, вклучувајќи го и градот Гвангжу, каде што во последните 24 часа наврнаа повеќе од 400 милиметри дожд, соопшти министерството.
Четири лица загинаа во одделни инциденти поврзани со поплавите, додека едно лице е исчезнато.
Две лица загинаа во автомобили на поплавени патишта, еден маж беше пронајден мртов во поплавен подрум во покраината Јужен Чунгчеонг, а четврта жртва починала кога ѕид висок 10 метри се урна врз возило во движење во близина на Осан, јужно од Сеул.
Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе-мјунг, изјави дека иако природните катастрофи не можат целосно да се спречат, постојат начини да се намалат штетите преку подобро предвидување и побрз одговор.
„Видовме дека можеше да се избегнат некои жртви доколку одговорот беше соодветен“, изјави Ли на вонредниот состанок и повика на распоредување на сите расположиви ресурси.
403 училишта се затворени, а 166 училишта пријавиле штета поради невремето, соопшти Министерството за образование на Јужна Кореја.