ШВЕДСКА, лидер во воведувањето нови технологии во училиштата, се враќа на традиционалните образовни методи со акцент на печатените книги, практиката на читање и пишување и намалување на употребата на таблети и дигитални алатки.
Политичарите и експертите изразија загриженост дека прекумерната дигитализација, вклучително и воведувањето таблети во предучилишните установи, доведе до пад на основните вештини на учениците, пишува АП.
Шведската министерка за образование Лота Едхолм, која ја презеде функцијата во владата на десниот центар пред 11 месеци, вели дека на учениците им требаат повеќе учебници и дека печатените книги се важни за нивното образование.
Министерката најави дека Владата сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование за задолжителни дигитални уреди во предучилишните установи. Тие планираат да одат чекор понатаму и целосно да го стопираат дигиталното учење за деца до шест години, соопшти Министерството.
УНЕСКО УПАТИ ИТЕН ПОВИК
Експертите за образование посочуваат дека некои проблеми со учењето можеле да настанат поради мерките воведени за време на пандемијата на корона вирусот, но нагласуваат и дека прекумерната употреба на уреди со екрани за време на училишните часови може да предизвика заостанување кај младите во основните предмети.
– Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки го попречуваат наместо да го подобруваат учењето на учениците, објави минатиот месец Институтот Каролинска, коментирајќи ја претходната национална стратегија за образование која ја нагласуваше дигитализацијата на наставата.
– Институтот смета дека фокусот треба да се врати на стекнувањето знаења преку печатени учебници и стручноста на наставниците, наместо претежно бесплатни дигитални извори кои не се верификувани, велат од Институтот.
УНЕСКО, исто така, упати и „итен повик за соодветна употреба на технологијата во образованието“.
Извештајот ги повикува земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира за никогаш да не ја замени наставата лице в лице предводена од наставници.
ИНВЕСТИЦИЈА НАД 100 МИЛИОНИ ЕВРА
За да се справат со падот на вештините за читање, шведските власти најавуваат дека годинава ќе инвестираат околу 60 милиони евра за купување книги кои ќе бидат дистрибуирани до училишните библиотеки и уште 42 милиони евра во следните две години за побрзо враќање на класични учебници во училиштата.