Денеска се очекува електронско потпишување на примирје меѓу САД и Иран

14.06.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денеска се очекува електронско потпишување на примирје меѓу САД и Иран

Додека американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран за ставање крај на воените дејствија и отварање на Ормутскиот теснец ќе биде потпишан денеска – на неговиот 80ти роденден, Иранското министерство за надворешни работи ретерира за временскиот рок на потпишувањето, притоа не исклучувајќи ја можноста потпишувањето да биде во наредните денови. Нуклеарното прашање останува горлива тема а Трамп посочи дека САД во иднина ќе ги заплени иранските резерви на збогатен ураниум додека во Техеран се одржаа протести против откажување од нуклеарната програма.

-Во соодветно време, кога сè ќе се смири, ќе влеземе и ќе ја собереме нуклеарната прашина, закопана длабоко под моќните потонати гранитни планини, благодарение на нашите прекрасни бомбардери Б-2 и нивните брилијантни пилоти, и ќе ја разбиеме и уништиме, без разлика дали во Иран или во Соединетите Држави. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Иран и со целиот Блиски Исток, долго во иднина. Се надеваме дека овој процес ќе се одвива брзо, лесно и непречено. Ако не се случи тоа, имаме крајна алтернатива, се надеваме дека никогаш повеќе нема да се користи!- Доналд Трамп, претседател на САД

Во меѓувреме, кон медијаторските напори на Пакистан се приклучија и катарски преговарачи во обид да го забрзаат финализирањето на Меморандумот чие потпишување според најавите ќе се одвива виртуелно, по што ќе започне 60 дневен период на преговори од втората фаза, што според аналитичарите ќе биде долга и макотрпна.

-Бидејќи дури и ако го парафирате овој договор, можеби во присуство на Г7, или можеби дигитално утре или следниот ден, она што сте го направиле е да си купите билет од двете страни за преговори, кои ќе бидат долги и мачни, во кои ќе бидат разгледани празнините околу основните прашања, што да се прави со 900 фунти високо збогатен ураниум, што да се прави во врска со конечното располагање со теснецот, што е со ублажувањето на поморската блокада, што е со замрзнатите средства, меѓусебните безбедносни гаранции, олеснувањето на санкциите и целото прашање за капацитетот на Иран да збогатува.- Арон Дејвид Милер,  виш соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир

Според светските медиуми, нацрт-условите во Меморандумот укажуваат дека САД ќе почнат да ослободуваат милијарди долари замрзнати ирански средства и ќе се откажат од санкциите за извозот на нафта, во замена за отворање на Ормутскиот теснец од страна на Иран.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата