Шведската безбедносна служба „Сапо“ спречила руска разузнавачка операција насочена кон собирање информации и дискредитирање на Шведска, НАТО и Европската унија.
Шведската безбедносна служба „Сапо“ (Sapo) вчера објави дека спречила руска разузнавачка операција насочена кон дискредитирање на Шведска, во која бил вклучен агент што дејствувал во рамките на странска дипломатска мисија во Стокхолм.
„Сапо“ не откри за кое претставништво станува збор, пренесе „Еуроњуз“ (Euronews).
Контраразузнавачката агенција во соопштение наведе дека собрала информации за операцијата и преземала мерки против неа.
Според „Сапо“, операцијата била планирана и спроведена од Руската служба за надворешно разузнавање (СВР).
„Една од целите на операцијата беше собирање информации за шведскиот процес на одлучување, со цел да им се овозможи на руските разузнавачки служби да спроведуваат операции за вршење влијание преку теми што предизвикуваат поделби. Крајната цел беше да се поткопа шведскиот процес на одлучување и да се дискредитираат Шведска, НАТО и ЕУ“, се наведува во соопштението на „Сапо“.
Кристоф Виделин, заменик-началник за операции во „Сапо“ (Sapo), потврди дека агенцијата презела дејствија откако ги открила руските планови.
„Шведските безбедносни служби презедоа чекори за заштита на виталните шведски интереси и за спречување на понатамошно влијание“, изјави Виделин.
Разузнавачки закани и пристапувањето кон НАТО „Сапо“ претходно ја посочи Русија, заедно со Кина и Иран, како една од главните разузнавачки закани за Шведска.

