Чеченец, уапсен по масакрот во Москва, е пронајден мртов во затвор со страшни повреди

2.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Чеченец, уапсен по масакрот во Москва, е пронајден мртов во затвор со страшни повреди

Таиса Успанова, мајката на Ашаб Успанов, за рускиот портал Агенција изјавила дека младиот човек бил приведен на автобуската станица на 22 март додека одел на работа. Успанов ја известил сопругата дека е приведен во полиција и ја замолил да дојде бидејќи бил груб со безбедносните сили, објави московски Тајмс.

Сопругата два часа подоцна дошла во полиција, но полицајците ѝ рекле дека тој починал.

Жената била шокирана бидејќи малку претходно разговарала со него на телефон. Тиаса Успанова не можела да го именува одделението каде починал нејзиниот син.

Успанов, кој имал 30 години, бил погребан во Чеченија.

Опозицискиот чеченски телеграмски канал 1ADAT, кој прв објави за смртта на Успанов, тврди дека младиот човек бил задавен откако бил мачен и претепан до степен што му биле скршени ребрата и 'рбетот.

Каналот објавил и вознемирувачко видео на кое се гледа телото на Успанов со страшни повреди. Авторот на видеото вели дека безбедносните сили го исценирале самоубиството на Чеченецот во обид да го прикријат злосторството.

- Ашаб Русланович Успанов беше убиен од московските безбедносни сили на 22 март. Го убиле без докази за неговата вмешаност во терористичкиот напад во Крокус. На видеото можете да ги видите трагите од тортура за кои пишувавме и да ги слушнете резултатите од обдукцијата - објави 1АДАТ.

И Таиса Успанова тврди дека нејзиниот син не можел да се самоубие бидејќи е муслиман.

Од полицијата засега не соопштуваат ништо за смртта на Успанов.

Федералната служба за безбедност, да потсетиме, досега приведе 10 лица во врска со терористичкиот напад во Крокус, меѓу кои се и четворицата директни извршители на масакрот, за кои се покажало дека се државјани на Таџикистан, пренесе Курир.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата