Како што дознава CBS News од два извори, вклучувајќи еден од Иран, најмалку 12.000 луѓе се убиени во насилството, додека некои проценки сугерираат дека бројот на жртви би можел да достигне 20.000.
Точните бројки е тешко да се утврдат бидејќи иранските власти воведоа речиси целосна блокада на интернетот и телефонските линии во последните денови.
Изворот од Иран рече дека активистичките групи, кои собираат податоци врз основа на извештаи од медицинските установи низ целата земја, проценуваат дека бројот на жртви е најмалку 12.000.
Според него, безбедносните сили ги посетуваат приватните болници во Техеран и вршат притисок врз персоналот да дадат информации за настрадани во протестите.
Телевизиската мрежа Иран Интернешнл, блиска до опозицијата, соопшти дека според нивните бројки, бројот на жртви е околу 12.000, додека извор од Вашингтон со контакти во Иран рече дека бројот на жртви веројатно е помеѓу 10.000 и 12.000.
Протестите во Иран избувнаа кон крајот на декември поради зголемените трошоци за живот во економијата на Иран погодена од санкциите и брзо се проширија низ целата земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано предупредуваше дека САД би можеле да реагираат доколку иранскиот режим продолжи да убива демонстранти.
Тој им порача на иранските демонстранти да „продолжат да протестираат“, тврдејќи дека „помошта е на пат“, без да даде детали за можните мерки.

