Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека Велика Британија и нејзините сојузници се подготвени да ги „следат и одвратат“ руските подморници, откривајќи ги плановите за нови високотехнолошки сили вредни повеќе милиони фунти за заштита на подводните кабли и цевководи.
Хибридните поморски сили, именувани „Атлантски Бастион“ (Atlantic Bastion), ќе комбинираат автономни возила и вештачка интелигенција (ВИ) со воени бродови и авиони за да ги идентификуваат заканите за подводната структура и да ги бранат од напади, пренесе ДПА.
Подводната инфраструктура е клучна за поврзаноста на Велика Британија, преку која се пренесуваат 99 проценти од меѓународните телекомуникациски податоци и витални енергетски ресурси како електрична енергија, нафта и гас.
Овој потег доаѓа откако неодамна беше објавено дека каблите во Балтичкото Море се оштетени, а одбранбеното разузнавање на Велика Британија утврди дека Русија ја модернизира својата флота за да таргетира подводни кабли и цевководи.
Зборувајќи за време на посетата на поморската база Портсмут, Хили за Прес асошиејшн изјави: „Знаеме што прави Путин. Знаеме што развива Путин“.
- И видовме во последниве недели, на пример, нивниот шпионски брод, Јантар, како влегува и излегува од водите на Обединетото Кралство, а ние сме способни да ги најдеме, без разлика дали се на површината или под вода. Ние сме способни да ги најдеме, да ги следиме и, доколку е потребно, подготвени сме со сојузниците да дејствуваме за да ги одвратиме, рече тој.
„Атлантска Бастион“ ќе вклучи развој и тестирање на најсовремена сензорска технологија против подморници.
- Луѓето не треба да се сомневаат во новите закани со кои се соочува Велика Британија и нашите сојузници под морето, каде што противниците таргетираат инфраструктура што е толку критична за нашиот начин на живот, додаде Хили.
- Оваа нова ера на закани бара нова ера за одбрана и мора брзо да иновираме со темпо како во воено време за да ја задржиме предноста на бојното поле додека ја спроведуваме стратешката одбранбена ревизија. Нашата пионерска програма „Атлантски Бастион“ е нацрт за иднината на Кралската морнарица, рече британскиот министер.
Тој информира дека програмата ги комбинира најновите автономни и ВИ технологии со воени бродови и авиони од светска класа за да создаде високо напредни хибридни борбени сили за откривање, одвраќање и поразување на оние што се закануваат.
Проектот е почнат со 14 милиони фунти рана инвестиција од Министерството за одбрана и индустријата за тестирање и развој, при што предлози поднеле 26 фирми од Велика Британија и Европа.

