Борел и ЕК ги пофалија резултатите од изборите и референдумот во Молдавија

22.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Борел и ЕК ги пофалија резултатите од изборите и референдумот во Молдавија

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и Европската комисија денеска ги поздравија резултатите од првиот круг од претседателските избори во Молдавија, како и уставниот референдум за продолжување на патот на поранешната советска република кон членство во Европската унија.

Во соопштението на дипломатската служба на ЕУ (ЕЕАС) се наведува дека „Русија и нејзините полномошници активно се обидувале да го поткопаат демократскиот и изборниот процес во Молдавија“.

„Без оглед на тоа, ги пофалуваме молдавските власти за успешната организација на изборите и уставниот референдум“, се додава во соопштението.

Исто така, се истакнува дека двата гласачки процеси, „според прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите при Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), биле добро организирани“ и дека „кандидатите имале слободни кампањи во средина оптоварена со стравови од недозволено странско мешање и активни напори за дезинформации“.

Борел и Европската комисија особено ги поздравија резултатите од уставниот референдум на кој, како што се наведува, „молдавскиот народ изрази желба да ја врзе својата иднина со Европската унија“.

Како што се додава, „Европската унија внимателно ќе ги следи настаните за време на вториот круг од претседателските избори на 3 ноември и пред парламентарните избори во 2025 година“.

„Посветени сме да продолжиме да го поддржуваме демократскиот развој, реформите и економскиот раст на Молдавија, како и да ја зајакнеме отпорноста на Молдавија, особено на нејзиниот пат кон Европската унија. Европската унија и Молдавија споделуваат заедничка иднина“, се вели во соопштението.

На уставниот референдум за вклучување на членството во ЕУ во Уставот како државна цел, европската опција победи со многу тесно мнозинство, а актуелната, проевропска шефица на државата, Маја Санду, доби најголем број гласови во првиот круг од претседателските избори. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата