Блумберг: Иран нема да биде нападнат од САД по ветувањето дека нема да се егзекутираат демонстранти

15.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Блумберг: Иран нема да биде нападнат од САД по ветувањето дека нема да се егзекутираат демонстранти

Трамп синоќа изјави дека бил информиран оти убиствата во Иран престануваат додавајќи дека би бил многу вознемирен ако продолжи задушувањето на протестите. Ова претставува значителна промена во тонот во споредба со почетокот на неделата кога ги повика Иранците да продолжат со протестите и вети дека помошта е на пат, пренесува „Блумберг“.

Олеснувањето на тензиите се одрази и на пазарот на нафта, каде што цената падна првпат по шест дена поради намалената загриженост за можни прекини во снабдувањето. Цената на суровата нафта „брент“ денеска падна за 3,4 проценти - најголем пад од ноември минатата година - откако порасна за речиси 11 проценти во текот на изминатата недела.

Податоците за следење на летовите од „Флај радар 24“ FlightRadar24 покажаа продолжување на воздушниот сообраќај над иранскиот воздушен простор по привремената суспензија. Организацијата за цивилно воздухопловство на Иран потврди дека појдовните и дојдовните летови функционираат нормално, објави полуофицијалната новинска агенција „Тасним“.

Протестите во Иран против режимот на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи наводно од минатата недела се смириле кога стотици илјади луѓе излегоа на улиците. Властите тврдат дека повторно воспоставиле контрола и ги обвинуваат САД и Израел за поттикнување немири и вооружување терористи. Во државните телевизиски извештаи доминираат провладините собири, а националната интернет-блокада продолжува да го отежнува независното известување за настаните на терен.

И покрај ова, организациите за човекови права продолжуваат да известуваат за растечки број жртви во демонстрациите што почнаа кон крајот на декември минатата година. Групата за човекови права на Иран, со седиште во Осло, објави податоци за најмалку 3.428 убиени демонстранти, што ја прави оваа репресија врз дисидентите најсмртоносна во последните децении. Исто така, се наведува дека повеќе од 18.000 луѓе биле приведени.

Во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“ емитувано вчера, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, ја отфрли можноста за егзекуција на демонстрантите, што се чини дека е директен одговор на предупредувањето на Трамп за можна многу силна акција.

„Бесењето не доаѓа предвид“, рече Арагчи. „Не сум слушнал за тоа и нема бесење денес, утре или некогаш. Можам да ви кажам, сигурен сум во тоа. Воопшто нема план за бесење“.

Арагчи повтори дека „дипломатијата е многу подобра од војната“ и се спротивстави на понатамошни американски напади. 

„Не повторувајте ја истата грешка што ја направивте во јуни минатата година. Ако пробате неуспешен експеримент, ќе го добиете истиот резултат“, рече тој алудирајќи на настаните од јуни 2025 година кога Израел ги прекина преговорите за нуклеарните активности на Техеран со воздушни напади.

Како одговор, Иран нападна американска воздухопловна база во Катар и им го одби пристапот на меѓународните нуклеарни инспектори. Вчера, да потсетиме, иранското судство ја отповика смртната казна на 26-годишниот Ерфан Солтани за кого активистите предупредија дека е во опасност од брза егзекуција.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата