Белгиските земјоделци од Валонија денеска протестираа на патиштата во близина на границите со Франција и Германија и го блокираат сообраќајот за да го изразат своето противење на договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и јужноафриканските земји Меркосур.
Како што јави Brussels Times, протестот започна вчера во 21 часот и е планирано да трае 24 часа.
- Во февруари, во екот на кризата, политичарите дадоа убави ветувања. Не го исполнија мнозинството. Денеска се подготвени да гласаат за договорот Меркосур. Не го сакаме тој договор што ќе овозможи увоз на производи кои не ги исполнуваат истите стандарди како нашите - изјави млад земјоделец на лице место за агенцијата Белга.
Блокади се спроведуваат на иницијатива на Сојузот на млади фармери (ФЈА) со поддршка на земјоделскиот синдикат Фугеа, за време на 65-от самит на Меркосур во Монтевидео, Уругвај, кој трае од 5 до 7 декември.
Постои можност на овој самит да биде постигнат договор меѓу Европската унија и Меркосур, додава белгискиот портал.