Австралија бара отштета откако Судот ја прогласи Русија за одговорна за уривањето на авионот на летот МХ17

10.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Австралија бара отштета откако Судот ја прогласи Русија за одговорна за уривањето на авионот на летот МХ17

Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, денеска побара Русија да плати отштета за уривањето на малезискиот авион на летот МХ17 во 2014 година, откако Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) ја прогласи Москва за одговорна за несреќата, јави ДПА.

Судот во Стразбур вчера утврди дека Русија не ја проверила целта на проектилот со кој бил соборен авионот над источна Украина на 17 јули 2014 година. Во инцидентот загинаа 298 луѓе, вклучувајќи 196 Холанѓани, 38 Австралијци и четворица Германци.

ЕКЧП утврди дека Русија не ги заштитила животите на патниците и дека проектилот бил истрелан од проруските сили. Москва ја негира одговорноста.

„Го поздравуваме заклучокот на Европскиот суд дека Русија е одговорна за уривањето на летот МХ17. Ова е историски момент за 298-те жртви и нивните семејства“, напиша Вонг на платформата Икс.

Таа потсети дека и Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) во мај утврдил руска одговорност, по тужбата поднесена од Австралија и Холандија.

- Повторно ја повикуваме Русија да ја преземе одговорноста и да плати целосна отштета за овој ужасен чин, изјави Вонг.

Иако Русија беше исклучена од Советот на Европа во 2022 година и повеќе не е членка на Европската конвенција за човекови права, судот сѐ уште има надлежност за инциденти што се случиле до шест месеци по исклучувањето.

Во 2022 година, холандски суд осуди тројца – двајца Руси и еден Украинец – на доживотен затвор во отсуство, но Русија одбива да ги екстрадира и не признава вина. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата