Авганистанец уапсен во Америка под сомнение дека планирал напад на денот на изборите во ноември

9.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Авганистанец уапсен во Америка под сомнение дека планирал напад на денот на изборите во ноември

Тавхеди бил уапсен во понеделникот заедно со малолетниот брат на неговата сопруга, кој е осомничен дека е негов соучесник, за време на таен состанок со федерални агенти за купување пушки и муниција, се вели во соопштението.

Тој е обвинет за обид за давање материјална поддршка на Исламската држава и за набавка на огнено оружје со цел да изврши кривично дело, по две точки од обвинението кои предвидуваат максимална казна од 20 години и 15 години затвор, прецизира американското министерство.

Тавхеди живеел во Оклахома со сопругата и едногодишното дете откако влегол во САД во 2021 година со специјална имигрантска виза. Тој бил корисник на специјална програма за имигрантска виза, која ја добиваат до 50 луѓе годишно, а е достапна за луѓе кои работеле со вооружените сили на САД или под раководство на шеф на мисија како преведувачи или толкувачи во Ирак или Авганистан.

Во обвинението не е наведено дали Тавхеди работел како преведувач или толкувач во Авганистан.

Според судските документи, американската федерална полиција, откако пристапила до профилот на Гугл на Насир Ахмад Тавхеди, забележала дека тој редовно ја следи пропагандата на ИД. Тој бил во контакт преку пораки на Телеграм со лице идентификувано од федералната полиција како регрут на ИД. Со тоа лице разговарал за неговите планови да набави оружје и да го врати своето семејство во Авганистан.

Милитантната организација Исламска држава уби и егзекутира илјадници луѓе пред да биде поразена во Ирак во 2017 година и Сирија во 2019 година.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата