Атентат на претседателски кандидат на Перу: Напаѓачите испукале 3 куршуми кон него

3.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Атентат на претседателски кандидат на Перу: Напаѓачите испукале 3 куршуми кон него

Три куршуми биле испукани кон возилото во кое патувал Белаунде, погодувајќи ја шофершајбната, како што се гледа на фотографиите објавени на социјалните мрежи.

На фотографиите, Белаунде е прикажан со крв на главата и кошулата, објави Euronews. Полицијата на местото на настанот пронашла неколку чаури, за кои се сомнева дека се од напаѓачот.

Белаунде, кандидат од централно-десничарската партија и еден од 39-те кандидати на претседателските избори закажани за 12 април 2026 година, рече дека нападот ја одразува „сериозната состојба на несигурност“ во која се наоѓа земјата.

„Не смееме да прифатиме дека сме жртви. Граѓаните мора да се организираат и да се бранат. Не смееме да ја нормализираме оваа ситуација“, рече тој по нападот.

Основачот на „Народна слобода“ и поранешен премиер Педро Катеријано го потврди инцидентот и оцени дека тоа е „лош почеток на кампањата“.

Нападот го осуди и директорот на Националната канцеларија за изборни процеси, Пјеро Корвето, кој ги повика политичките актери да го отфрлат насилството за време на кампањата.

Според шефот на Националната полиција, Оскар Арол, Белаунде бил во посета на својот имот во покраината Кањете во времето на нападот кога мотоцикл застанал до неговиот автомобил, од кој напаѓачите отвориле оган.

Белаунде им потврди на полицајците дека претходно не добивал закани. Полицијата објави дека ја активирала операцијата „План Серко“ за апсење на сторителите и дека нема повредени во пукањето.

Инцидентот се случил во време кога криминалот, особено активностите на организираните банди и изнудата, е едно од клучните прашања пред изборите, по серијата насилни напади во различни делови од земјата.

Минатиот петок, адвокатот Перси Ипанака, кој беше кандидат за пратеник на левичарската партија Заедно за Перу (JP), беше убиен во градот Пиура на северот од земјата, само неколку часа пред внатрепартиските избори на кои ќе се дефинираа претставниците на секоја политичка организација.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата