Анкета: Повеќето Израелци сметаат дека безбедноста на земјата е долгорочно ослабена

21.06.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Анкета: Повеќето Израелци сметаат дека безбедноста на земјата е долгорочно ослабена

Големо мнозинство Израелци веруваат дека Иран излезе посилен од конфликтот на Блискиот Исток, покажа анкета, што укажува на длабоко јавно незадоволство од начинот на кој се води војната, но исто така и силна поддршка за воена акција во Либан.

Анкетата ја спроведе Еврејскиот универзитет во Ерусалим во соработка со Институтот Агам меѓу 3.644 испитаници помеѓу 17 и 20 јуни, по потпишувањето на рамковен договор меѓу САД и Иран со цел прекин на конфликтот. Договорот повикува на прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан.

Какви се резултатите?

Меѓу анкетираните, 92 проценти веруваат дека Иран победил или е земјата што имала најголема корист од конфликтот, додека 83 проценти веруваат дека долгорочната безбедност на Израел е ослабена.

Гласачите во десничарскиот блок, изборното упориште на премиерот Бенјамин Нетанјаху, се најкритични, при што 93 проценти веруваат дека Иран го добил конфликтот.

А противењето на меморандумот за разбирање меѓу Иран и САД е огромно - 63 проценти од испитаниците го отфрлаат, во споредба со само 12 проценти кои го одобруваат.

Речиси три четвртини од испитаниците, 72,5 проценти од нив, велат дека не веруваат во тврдењата на премиерот Нетанјаху за успесите во кампањата, а 56 проценти го сметаат неговото справување со офанзивата за „неуспешно“ или „просечно“.

Поддршката за неговото останување на функцијата премиер падна на нешто над 29 проценти во јуни, во споредба со 40,5 проценти на почетокот на март.

Поддршка за употреба на сила?

Анкетата укажува на поддршка за употреба на сила кога е во прашање безбедноста на Израел - 48 проценти од испитаниците поддржаа воена офанзива во Либан против Хезболах, либанското шиитско движење поддржано од Иран, дури и со ризик од конфликт со Вашингтон, додека само 21 процент од испитаниците изразија противење.

Објавувањето на оваа анкета се совпаѓа со почетокот на иранско-американските преговори во Швајцарија, чија крајна цел е да се постигне конечен договор за прекин на регионалниот конфликт.

Иран објави дека ситуацијата во Либан ќе биде „главна“ тема на тие разговори.

Како одговор на израелските напади врз Либан, Техеран во саботата објави дека ќе го затвори Ормутскиот теснец, стратешки важен морски премин за глобалната трговија со нафта.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата