Анкета: Над 60 отсто од Британците мислат дека Стармер не ги почитува

8.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Анкета: Над 60 отсто од Британците мислат дека Стармер не ги почитува

Иако додека беше во опозиција Стармер ја истакнуваше „почитта“ како клучен елемент во односот со граѓаните, новото истражување спроведено од групата More In Common и Policy Lab на Универзитетскиот колеџ во Лондон покажува дека 63 отсто од испитаниците сега сметаат дека тој не ги почитува, наспроти 32 отсто пред изборите во 2024 година, јави ДПА. Само 24 проценти сега мислат дека Стармер ги почитува, во споредба со 41 отсто пред изборите.

Анкетата укажува и дека чувството на непочитување од страна на политичките елити го поттикнува растот на поддршката за крајната десница, особено за партијата „Реформа на Велика Британија“ (Reform UK).

Дури 85 проценти од симпатизерите на Реформа рекле дека политичарите не го ценат нивниот придонес во општеството, а 86 отсто сметаат дека не ги почитуваат нивните вредности.

Иако лидерот на Реформа, Најџел Фараж, има подобар рејтинг во споредба со лидерите на Конзервативците и Лабуристите, 50 проценти од испитаниците сепак мислат дека и тој не ги почитува.

Стармер и лидерот на Конзервативната партија, Кеми Баденох, имаат најнизок рејтинг: само 24 отсто од анкетираните сметаат дека ги почитуваат граѓаните.

Истражувањето е објавено заедно со извештај кој анализира како се сменило јавното мислење по општите избори.

Иако Лабуристите се на власт, дури 77 отсто од испитаниците изјавиле дека сè уште мислат дека е време за промена, а најчест одговор на прашањето „што се смени откако Лабуристите дојдоа на власт“ бил: „ништо“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата