Американскиот Конгрес расправаше за наводна злоупотреба на федерални средства, при што беше изнесено тврдење дека администрацијата на претседателот Џо Бајден ги користела парите на даночните обврзници за да поддржи политичка опозиција во Унгарија, со цел да го ослаби демократски избраниот премиер Виктор Орбан, пишуваат денеска унгарски медиуми.
Обвинувањето беше изнесено на вчерашното сослушување на Поткомитетот за надзор при Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом. Во фокусот на дискусијата беше сведочењето на Мајк Гонзалес, виш соработник на конзервативниот тинк-тенк Херитиџ Фаундејшн (Heritage Foundation), каде беше спомната и Унгарија, но и Македонија.
Конгресменот Брендон Гил од Тексас го праша:Зошто мислите дека администрацијата на Бајден беше толку заинтересирана да ги користи нашите даночни долари за да финансира парична поддршка за домашна политичка опозиција и сојузничка нација, со цел да наштети демократски избраната влада?"
Мајк Гонзалес одговори: Од истата причина поради која тоа го направија во Гватемала и Македонија, и покрај тоа што и таму имаше подеднакво проамерикански лидери. Едноставно не им се допаѓаа конзервативните влади кои се обидуваа да прават работи како што се борба за живот, залагање за демографски раст. Сите овие земји не се согласуваа со нивната надворешна политика. Сите овие лидери, исто така, беа многу про-Израел, а во случајот на Гватемала и про-Тајван. Така што мислам дека администрацијата на Бајден едноставно не се согласуваше со политиките на тие земји, иако тоа беше спротивно на интересите на САД“.
Во меѓувреме, администрацијата на Доналд Трамп во неговиот втор мандат, преку иницијативата на Илон Маск наречена DOGE, агресивно го таргетираше УСАИД – американската агенција за меѓународна помош – нарекувајќи ја неефикасна и расипничка. По долга правна битка, агенцијата е официјално затворена.