Според американскиот портал, ова е прва мисија на бомбардерот Б-1 по обновувањето на конфликтите меѓу САД и Иран пред 12 дена и претставува значително проширување на американската воена кампања.
Овој тип на бомбардер може да носи десетици крстосувачки ракети или до 24 бомби со тежина од околу 900 килограми, поради што неговото распоредување претставува видлива ескалација на воената операција.
Б-1 може да лета со брзина поголема од брзината на звукот на мали височини, носејќи притоа најголем товар од бомби во споредба со кој било друг тип на бомбардер.
Според американски официјални лица, авионот Б-1 полетал од воздухопловна база во Велика Британија, а неговото движење било забележано на јавно достапни сервиси за следење летови.
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека тој ден американските сили извршиле напади врз иранските центри за воени операции, поморски објекти, хангари за авиони, магацини за беспилотни летала и логистичка инфраструктура, со цел да се намали способноста на Иран да го загрозува комерцијалниот сообраќај во Ормускиот Теснец.
Не е прецизирано кои цели ги погодил бомбардерот Б-1, ниту дали неговата мисија имала поголем ефект од претходните воздушни напади.

