Министерството за правда на Соединетите Американски Држави објави дека Албанец од Косово, Лирим Сулејмани (49), кој има и американско државјанство, е осуден на 10 години затвор од страна на Окружен суд на САД за членство во терористичката организација Исламска држава (ИСИС).
Според соопштението на Министерството за правда на САД објавено на 2 јуни, Сулејмани, познат и како Абу Сулејман ал-Косова, се изјаснил за виновен на 12 декември, признавајќи дека поминал воена обука во таа организација, која е окарактеризирана како терористичка, пренесе Косова Прес.
Во оваа прилика, федералниот судија Рудолф Контрерас ја изрече пресудата на 2 јуни и нареди Сулејмани, по издржувањето на казната, да биде под доживотен надзор.
„Сулејмани ќе помине една деценија во затвор размислувајќи за предавството што го изврши против оваа земја. Секој што мисли дека ИСИС е решението, треба повторно да размисли. Ќе одиме до крај за да го спречиме секој поединец кој има за цел да им наштети на нашите граѓани“, рече обвинителот Пиро, се вели во соопштението.
Според документите што ги поседува американското Министерство за одбрана, се наведува дека Сулејмани дошол во Сирија во ноември 2015 година со своето семејство, каде што живеел до 2019 година и дека во тој период поминал 21 ден воена обука, за време на која научил да користи оружје како што се АК-47, М-16 и рачни гранати, а потоа бил распореден во батаљон во Мосул, Ирак.
Исто така, се додава дека тој положил заклетва на верност на поранешниот лидер на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади, и дека во мај 2016 година учествувал во битката за Манбиџ против коалициските сили предводени од САД.
Солејмани и неговото семејство биле заробени од коалициските сили на 27 февруари 2019 година, додека биле во Багуз, последното упориште на ИСИС.
По неговото заробување, Солејмани бил задржан во затворот Даштиш под надзор на Сириските демократски сили, а потоа бил предаден на американските власти на 15 септември 2020 година, за да се соочи со правдата.
Во соопштението се наведува дека Заедничката работна група за тероризам на ФБИ работела на случајот и дека Сулејмани бил гонет од федерални обвинители од Министерството за внатрешна безбедност.

