Активистка ја истражувала корупцијата во Еквадор, ја убиле- министерот тврди дека самата се задушила

23.06.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Активистка ја истражувала корупцијата во Еквадор, ја убиле- министерот тврди дека самата се задушила

Моника Силва Кониушек (41) била пронајдена мртва во својот дом на 8 јуни, и иако властите првично тврделе дека станува збор за самоубиство, обдукцијата покажала дека причина за смртта била удар во главата и задушување, пишува „Гардијан“.

Силва Кониушек, самохрана мајка на две ќерки на возраст од четири и девет години, била пронајдена на подот од својот дом во крајбрежниот град Монтањита со јамка околу вратот. Денот по нејзината смрт, пред да бидат објавени резултатите од обдукцијата, еквадорскиот министер за внатрешни работи Џон Рајмберг им изјави на локалните медиуми дека првичната хипотеза била самоубиство. „На местото на настанот се пронајдени докази што укажуваат на тој заклучок“, рече тој.

Сепак, обдукцијата спроведена во Гвајакил минатиот петок утврдила дека причина за смртта била удар во главата и задушување. „Врз основа на форензичките извештаи, сигурни сме дека станува збор за насилна смрт, па затоа тезата за самоубиство паѓа во вода“, рече адвокатката Лита Мартинез, директорка на Еквадорскиот центар за промоција и акција на жените.

„Покрај активизмот, таа беше посветена самохрана мајка и прекрасна пријателка“

Во изминатите десет години, Силва Кониушек ги користеше социјалните медиуми и соработуваше со локалните новинари за да ги осуди еколошките злосторства и корупцијата. „Не мора да се родите во Еквадор за да го сакате и да го браните она што е исправно“, забележа таа на своите профили на социјалните медиуми.

„Моника беше најхрабрата личност што некогаш сум ја запознала“, рече Бет Питс (47), британска авторка и активистка која работеше со неа на локални кампањи. „Таа често беше осамен глас, јавно и гласно осудувајќи ја корупцијата и еколошките злосторства кога сите други се плашеа да проговорат“, рече Питс, која живее во Еквадор 13 години, во соседно село.

„Покрај активизмот, таа беше посветена самохрана мајка и прекрасна пријателка. Дури и кога добиваше закани со смрт, секогаш наоѓаше време да ме праша како сум и да ми понуди поддршка“, додаде таа. Нејзините колеги наведуваат дека Силва Кониушек започнала истрага за „Нобоа Трејдинг“, конгломерат за овошје во сопственост на семејството на десничарскиот претседател Даниел Нобоа.

Пријател: Ми кажа дека е следена и набљудувана

Таа истражувала, велат, наводи дека неколку тони кокаин биле запленети во контејнери за банани што ѝ припаѓале на компанијата „Нобоа Трејдинг“, но дека високи судски службеници во Еквадор ја блокирале истрагата. Кратко пред нејзината смрт, таа им се доверила на своите пријатели дека го доставила досието со обвинувањата до американската амбасада во Кито.

Исто така, се истражувале наводи дека политички поврзани лица во покраината Санта Елена биле вклучени во масовна мрежа на нелегална трговија со земјиште. Пријателите велат дека Силва Кониушек се соочила со правно малтретирање и директни закани со смрт, наводно поврзани со истите криминални мрежи што го убија локалниот новинар и активист Робинсон дел Пез во ноември 2025 година.

Нејзината смрт стана главна вест во нејзината родна Полска, каде што медиумите со скептицизам ги објавија првите информации за самоубиството. Нејзината пријателка Јоана Купер изјави за полската телевизија ТВП Инфо дека активистката тврдела дека била „следена и набљудувана“.

Им се заканувале и на нејзините деца

„Никој од нас не верува дека си го одзела животот“, рече таа. „Таа рече дека картелите ја уценувале. Пред три години, нејзиниот тогашен сопруг ги однел децата во Бразил затоа што добила закани дека таа и нејзините деца ќе бидат убиени“, додаде Купер.

Канцеларијата на полскиот државен обвинител минатата недела потврди дека побарала меѓународна правна помош од еквадорските власти кои ја истражуваат нејзината смрт, сигнализирајќи дека сака тесно да се вклучи во истрагата.

Соседите ја преименуваа улицата по неа

Полската амбасада во соседно Перу изрази надеж дека „надлежните органи ќе спроведат брза, темелна, независна и транспарентна истрага“ за да „разјаснат околностите на случајот и да обезбедат одговорност“. Амбасадата посебно ја нагласи „важноста на заштитата на бранителите на човекови права, новинарите, социјалните активисти и сите поединци вклучени во граѓанскиот живот“.

Во меѓувреме, заедницата во Монтањита ја одбележа нејзината смрт со фотографии и цвеќе, а свеќите беа палени со денови. Локалните улични уметници насликаа мурал во нејзина чест, а соседите ја преименуваа улицата по неа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата