Против контроверзниот рапер Шон Диди Комбс се поднесени низа нови тужби, обвинувања за силување, сексуален напад врз мажи и малтретирање на 16-годишно момче.
Најмалку шест анонимни жалби се поднесени пред федералниот суд на Менхетен, од кои две беа поднесени од неименувани жени, а четири од мажи, пренесе АП.
Адвокатите на апликантите изјавија дека ова е само дел од 100-те наводни жртви на Комбс кои се подготвуваат да поведат правна постапка против него откако пејачот минатиот месец беше уапсен за сексуална трговија, пренесува Танјуг.
До последните тужби, Комбс беше обвинет само за сексуална злоупотреба на возрасно лице.
54 годишниот Пи Диди се изјасни за невин по обвиненијата за сексуална трговија и заговор за рекет, кои го обвинуваат дека со години ги принудувал жените со помош на мрежа на соработници да имаат секс, како и дека ги замолчувал со закани, уцени и физичко насилство.
Адвокатите на раперот неуспешно се обидоа да го ослободат со кауција. Комбс е во федералниот затвор во Бруклин од неговото апсење на 16 септември.