На 15 ноември, на четиридневен настан, аукциската куќа „Пропстор“ (Propstore) ќе понуди повеќе од 350 ретки и уникатни сувенири од светската музика, коишто некогаш им припаѓале на мегаѕвездите. На списокот се музички инструменти, рачно напишани текстови, автограми, како и реквизити и костими. Можеби еден од позанимливите предмети е колаж во рамка со стиховите на песната „Beat It“, рачно напишани од Мајкл Џексон, како и повеќе негови јакни, на пр. црвена јакна којашто „кралот на поп-музиката“ од минатиот век ја користел на турнејата „Трилер“ oд 80-тите.
- Јакната има голем број потписи, а меѓу нив - и оној на Мајкл. Од внатрешната, задна страна, потпишан е и Џон Лендис кој го режираше видеоспотот за (песната, з.п.) „Трилер“ (Thriller), како и неговата сопруга Дебора Лендис, дизајнерка на јакната, изјави музичкиот стручњак Марк Хоман.
На наддавањето ќе бидат понуден и „Вокс“ засилувач за звук од 1962. што му припаѓал на Џон Ленон (проценет на 100.000 - 200.000 фунти аукциска вредност), синтисајзерот на Принс со којшто е снимена песната „Purple Rain“ (50.000 - 100.000 фунти)... Натаму во понудата има и 15 гитари на Ноел Галагер и дуото „Оејзис“, а сѐ тоа може да достигне вкупна цена од повеќе од два милиони фунти, велат првичните проценки.
- Гитарите на „Оејзис“ од оваа аукција му припаѓале, пред сѐ - на Ноел, бидејќи тие се особено барани меѓу колекционерите. Повторното обединување на „Оејзис“ го подигна интересот на ново, повисоко ниво, рече Хоман.
Во понудата се и главните снимки од четири необјавени демо-аудиоизведби на Џими Хендрикс, сместени во кутија обележана со ракописот на музичарот. Брошурата „Животот со Битлс“, пак, потпишана од сер Пол Мекартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и сер Ринго Стар, би можела да достигне цена од 10.000 до 20.000 фунти.