Американскиот музичар Дејвид Ентони Бурк (21), познат како D4vd, ќе му биде судено под обвинение дека брутално ја убил и ја злоупотребувал 14-годишната Селест Ривас Ернандез.
По петдневното прелиминарно сослушување, судијата одлучил дека има доволно докази случајот да оди на суд. Посмртните останки на девојчето биле пронајдени минатата година во автомобил „Тесла“ регистриран на адреса поврзана со музичарот.
Според обвинителството од Лос Анџелес, Бурк ја убил девојката откако се плашел дека таа јавно ќе ја открие нивната врска и ќе му ја загрози музичката кариера. На суд биле презентирани и пораки во кои Селест му се заканувала дека ќе му го уништи животот и кариерата по расправија.
Обвинителството тврди дека девојката ден подоцна пристигнала во неговиот дом во Холивуд, каде што била убиена. Одбраната, пак, тврди дека нема доволно докази и дека нејзините родители знаеле за нивната врска.
Детективите откриле и дека двајцата посетувале црква заедно со нејзиното семејство, а девојката наводно ја криела вистинската возраст од музичарот.
Судијката Шарлин Олмедо оценила дека доказите се доволни за судење за убиство под посебни околности. Обвинителството сè уште не одлучило дали ќе бара смртна казна.
Бурк, кој се изјаснил дека не е виновен, треба повторно да се појави пред суд на 31 август. Судењето се очекува да започне во следните 90 дена.

