Диди Комбс (56), кој беше ослободен од најтешките обвиненија за трговија со луѓе и рекетирање минатиот јули, но беше осуден за организирање проституција, треба да биде ослободен на 24 јануари 2028 година, според новите податоци.
Хронологија на промените на датумот на ослободување
Комбс првично требаше да биде ослободен од затвор на 8 мај 2028 година, но датумот подоцна беше поместен за 4 јуни истата година поради обвинувања дека консумирал алкохол и остварил нелегален телефонски повик додека бил во затвор. Неговиот адвокат ги негираше обвинувањата.
Во октомври минатата година, датумот на ослободување беше поместен за 25 април 2028 година, врз основа на законот FIRST STEP Act, реформа на затворскиот систем донесена за време на мандатот на Доналд Трамп, со што се овозможи предвремено ослободување на десетици илјади осуденици.
Датумот потоа беше ревидиран на 15 април 2028 година, а минатиот месец повторно беше поместен на 23 февруари 2028 година. Според најновите податоци од Федералното биро за затвори, Комбс сега треба да биде ослободен на 24 јануари 2028 година.
Федералното биро за затвори не сакаше да објасни зошто датумот е повторно променет. „Поради приватноста и безбедноста, не коментираме за условите на затворениците, вклучително и плановите за ослободување или причините за промена на датумите за ослободување“, изјавија тие за Дејли меил.

Тепачка во затворот
Новата затворска казна беше објавена една недела откако Комбс се тепаше со друг затвореник во федералниот затвор Форт Дикс во Њу Џерси. Според TMZ, кој се повикува на повеќе извори, раперот нападнал друг затвореник откако бил вербално навредуван.
Изворите тврдат дека по туркањето избувнала тепачка. Чуварите брзо интервенирале и ги разделиле, а Комбс наводно завршил во самица по инцидентот. Портпаролот на затворот Форт Дикс одби да потврди дека инцидентот се случил.
„Не објавуваме информации за сместувањето на затворениците, ниту коментираме дали некој е предмет на обвиненија, истраги или дисциплински мерки“, изјави тој за Дејли Меил.

