Последната „улога“ на покојниот Вал Килмер создадена со помош на вештачка интелигенција

19.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Последната „улога“ на покојниот Вал Килмер создадена со помош на вештачка интелигенција

„Филмската куќа Фрст Лајн филмс (First Line Films) најави дека во нивната претстојна историска драма „Длабоко како гробот“ („As Deep as the Grave“) постхумно ќе се појави актерот Вал Килмер, а неговата изведба е создадена со помош на генеративна вештачка интелигенција. Станува збор за прв ваков случај во историјата на филмот, а продукцијата објави и прва фотографија од дигитално создадениот лик на Килмер“, пренесува онлајн медиумот Инди Вајр (IndieWire).

Во официјалното соопштение се наведува дека Килмер, кој почина лани, во април, првично бил избран за улогата на отец Финтан – католички свештеник и духовен водач на домородното население. Станува збор за историска личност поврзана со мисијата Сан Хуан во Ново Мексико. Но, поради нарушената здравствена состојба, актерот не бил во можност да учествува на снимањето. Иако не снимил ниту една сцена, Килмер сепак ќе „настапи“ во филмот, благодарение на вештачката интелигенција. Филмот, кој претходно беше насловен „Кањон на мртвите“ („Canyon of the Dead“), веќе три години се дообработува.

Станува збор за вистинска авантуристичка акциска приказна за археолозите од американскиот југозапад, Ен и Ерл Морис“. На снимањето овозможено од нацијата Навахо и Службата за национални паркови, опфатени се автентични археолошки локалитети во кањонот Де Шели и пошироко, низ регионот Фоур Корнерс. Во филмот се прикажани археолошките ископувања, како и историјата за народот Навахо. Режиран, напишан и продуциран од Коерте Ворхис. Останатите улоги ги толкуваат: Абигејл Лори (во улогата на Ен Морис), Том Фелтон (како Ерл Морис), Абигејл Бреслин (како Ен Мороу Линдберг), како и Ханако Футман, Јуен Бремнер, Татанка Минс, Фин Џонс и Џејкоб Фортјун-Лојд. Килмер и претходно користел технологија поврзана со вештачката интелигенција. Во документарецот „Вал“, режисерот Лео Скот ја користи неговата архива за да го прикаже неговиот живот. Во моментов филмот „Длабоко како гробот“ е во дообработка и чека да биде дистрибуиран. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата