Баре беше една од најважните и најпаметните личности на хрватската рок сцена. Како пејач и автор на групата Мајке, тој остави длабок белег со песни како „Тешке боје“, „Мене не занима“, „Вријеме је да се крене“ и „Буди поносан“, објави Индекс.
Неговата кариера беше обележана со бројни концертни настапи, препознатлив глас и бескомпромисен пристап кон музиката, но и тешки животни борби, за кои отворено зборуваше.
Кон крајот на септември, на Баре му се слоши за време на настап во Макарска, поради што концертот беше прекинат за време на првата песна. Бендот потоа објави двомесечна пауза за Баре да може да се одмори и да се опорави.
Неодамна даде големо интервју за Индекс
На почетокот на септември, во големо интервју за Индекс, Баре зборуваше за животот, музиката и неговиот однос со членовите на Мајке.
„Всушност, се извинувам, но не ми е жал за ништо. Мислам, не би сакал никој да ги доживее работите што ги доживеав јас, но и тоа е животот. Тоа е тага и плачење, и смеа и глад, и ситост и дебелина. Сето тоа е живот и не треба да се срамите од ништо“, рече тој тогаш.
Тој исто така зборуваше за тоа колку му значи бендот: „Да не беа тие, немаше да ме има ни мене. Не гледам никаква среќа без нив. Тие се моите најдобри пријатели и единствените луѓе што ме разбираат.“

