Според извештајот на Турскиот институт за судска медицина, актерката починала од труење со алкохол, односно интоксикација со етил алкохол.
Во извештајот се наведува дека во нејзиното тело се пронајдени и одредени лековити супстанции за кои е познато дека ги засилуваат ефектите на алкохолот врз централниот нервен систем.
Еџе Иртем почина на 15 јуни во нејзиниот дом во Истанбул, каде што во тоа време била со нејзината мајка.
Нејзиниот адвокат тогаш објави дека првичните наоди укажуваат на можен срцев удар, но дека конечната причина за смртта ќе биде позната дури по обдукцијата.
По нејзината смрт, на социјалните мрежи се појавија бројни непотврдени тврдења и шпекулации, вклучувајќи гласини дека смртта е поврзана со каснување од мајмун за време на патувањето во Тајланд, сепса или комбинација од антидепресиви и алкохол.
Сепак, претходниот извештај од обдукцијата покажа дека на нејзиното тело немало знаци на насилство или повреди.
Конечниот извештај сега даде официјално објаснување за смртта на актерката која ја освои публиката со улогите во сериите „Јени Гелин“, „Беј Јанлиш“, „Махкум“, „Јасак Елма“ и „Сандик Кокусу“, како и филмовите „Зенго“ и трилерот на Нетфликс „10 дена на љубопитен човек“.
Еџе Иртем е родена на 14 јуни 1991 година во Сивас. Дипломирала на Одделот за опера и соло пеење на Универзитетот Јашар во Измир, а потоа го завршила своето актерско образование во Културниот центар во Истанбул.
Актерката е погребана во населбата Кушадаси во покраината Ајдин, во присуство на семејството, пријателите и колегите.

