Имено, по серијата свирки во „Хитон парк“ дома во Манчестер, групата, составена од браќата Лијам и Ноел Галагер, ќе се качи на сцената на стадионот „Вембли“ в петок.
Дуото ја објави својата долгоочекувана турнеја откако повторно се собраа во август минатата година. Инаку, познато е дека Ноел самиот излезе од групата во 2009 година, по тепачка зад сцената на фестивал во Париз, Франција. Настапот на „Вембли“ е прв по оној на 12 јули 2009 година. Вечерва е закажан првиот од седумте концерти.
Инаку, вечерта ќе ја најават рок-групата „Каст“ (Cast), и пејачот од некогашниот состав „Верв“ - Ричард Ешкрофт.
Следните настапи во Лондон се на 26. и 30 јули, па на 2. и 3 август, по што следат концертите во Единбург, Шкотска, и Даблин, Ирска. Составот се враќа на „Вембли“ на 27. и 28 септември.
Потоа бендот настапува и во Јапонија, Јужна Кореја, па Јужна Америка, Австралија и Северна Америка.
Формиран во Манчестер во 1991 година, поп-рок составот го предводат главниот гитарист Ноел и главниот вокалист Лијам. Тие имаа хит-песни како „Don't Look Back In Anger“, „Champagne Supernova“, „Wonderwall“ и „Live Forever“. Последниот студиски албум на бендот - „Dig Out Your Soul“ беше издаден во 2008 година, само неколку месеци пред расправијата во Париз.