Австралиско-американскиот глумец, можеби најпознат по своите улоги во сериите „Сечи докторе“ (Nip/Tuck) и „Волшебнички“ (Chermed), починал од метастази на белите дробови како последица на рак на главата и вратот, објави „Пипл“ (People).
Мекман почина на 56 години, на 2 јули, во Клирвотер, Флорида, САД. Смртта беше прогласена за природна, според извештајот на властите. Сопругата на Мекман, со која беше в брак повеќе од 10 години, Кели Мекман ја објави неговата смрт минатата недела, откривајќи дека ТВ-ѕвездата „далеку од очите на јавноста и храбро“ се борел со ракот.
„Џулијан го сакаше животот. Тој го сакаше своето семејство. Тој ги сакаше и своите пријатели. Тој ја сакаше својата работа и ги сакаше своите обожаватели. Неговата најдлабока желба беше да донесе радост во што е можно повеќе животи... Им посакуваме на сите оние на кои Џулијан им донесе радост да продолжат да наоѓаат радост во животот“, напиша таа.
Син на поранешниот австралиски премиер Вилијам Мекман - Џулијан ја почна својата кариера како модел пред да се префрли на глума, првично во сапуниците „Моќ“, „Страст“, „Дома и на гости“ и „Друг свет“. Своето деби во игран филм го имаше во филмот „Влажно и диво лето“ од 1993 година, а потоа се појави во проекти како „Фантастична четворка“ од 2005., па „Фантастична четворка: Подемот на сребрениот сурфер“, „Параноја и црвено“ итн.
И неговите колешки од „Волшебнички“ - Холи Мари Комбс, Роуз Мекгоуан и Алиса Милано му оддадоа почит по неговата смрт, сеќавајќи се на него како „сила на брилијантност, див талент и хумор“. Неговиот колега од „Сечи докторе“, Дилан Волш, исто така, објави јавно писмо.
„Знам дека сакаш да ги прошируваш границите, но овојпат отиде предалеку. Ајде да се сретнеме во Билтмор, да пиеме мартини и ќе разговараме за ова“, напиша Волш.
Мекман зад себе, освен сопругата Кели, ја остави и ќерка сѝ Медисон.