Помладата од нив тогаш имала 22 години, објавуваат шпанските медиуми.
Жените тврдат дека шпанската ѕвезда, наводно, сексуално ги злоупотребил додека биле вработени во неговите карипски вили. Домашна помошничка тврди дека била принудена на секс, опишувајќи потези на шлаканици, физичко и вербално насилство. Физиотерапевтка, која исто така, работела за пејачот, тврди дека била подложена на несоодветно допирање, навреди и понижување за време на нејзиниот однос, во атмосфера на контрола и постојано вознемирување, пренесува британски „Индепендент“ (Independent).
Наводните напади се случиле во неговите куќи во Пунта Кана, Доминиканска Република, и Лајфорд Кеј, на Бахамите.
Обвиненијата беа објавени вчера, по заедничка истрага на шпанскиот весник „Ел дијарио“ (Еl diario) и телевизијата „Унивисиjон“ (Univision). Така, една од наводните жртви, која се претставува под името Ребека (не е нејзино вистинско име), вели дека шпанскиот уметник, тогаш 77-годишен, често ја повикувал во својата соба навечер.
- Ме искористуваше речиси секоја ноќ. Се чувствував како предмет, како робинка!, изјави таа.
Сексуалните средби, според наводите, речиси секогаш се случувале во присуство на друг, постар член на неговото домаќинство. Лаура (како што гласи лажното име на другата тужителка), тврди дека Иглесијас ја бакнувал во уста и ѝ ги допирал градите против нејзина волја.
Шпанските медиуми - според првичните пишувања, не добиле одговор на прашањата испратени по е-пошта, телефонски пораки и писма доставени на неговата домашна адреса. Поранешна менаџерка, отфрлајќи ги обвинувањата, рече дека чувствува само „благодарност, восхит и почит кон големиот уметник и човек“, опишувајќи го Иглесијас како „скромен, дарежлив, вистински господин и многу голем почитувач“ на сите жени.
Хулио Иглесијас е шпанска и светска латино-ѕвезда, со повеќе од 300 милиони продадени плочи ширум низ целиот свет.

