Според Дејли Мејл, во еден момент еден обожавател ја прашал: „Имате ли коментари за Диди и обвинувањата против него?“. Познатата пејачка наводно многу се налутила на ова прашање.
Странските медиуми наведуваат дека после тоа престанала да дава автограми и ја напуштила просторијата со своето обезбедување, додека некои обожаватели ја молеле да не си оди. Сепак, таа не сакала да се врати и заминала без да одговори на прашањето за претходната врска со Диди.
Џенифер Лопез и уапсениот музички магнат ја започнале својата врска во 1999 година, а ја прекинале во 2001 година. Пејачката и актерка изминатите неколку години имаше само добри зборови за Пи Диди. Во интервју за Access Hollywood во 2014 година, таа рече дека тој „ѝ дал водство и ја научил на многу работи“ и дека „сè уште има многу взаемна почит и восхит“ меѓу нив.
Тие беа фатени заедно во 1999 година, по пукање во ноќен клуб. По инцидентот тие го напуштиле местото на настанот, а потоа учествувале во потера додека бегале од полицијата.
Кога биле запрени, полицијата во автомобилот пронашла украден пиштол. Обвиненијата против Џенифер биле отфрлени во текот на ноќта, но Шон Комбс и пријателот кој бил со нив, Џамал Бароу, отидоа на судење. Тогаш Диди беше ослободен од сите обвиненија.
Потсетуваме дека Диди е уапсен во Њујорк и е во притвор и се соочува со обвинувања дека сексуално злоставувал жени и ги терал да учествуваат во секс забави и да користат дрога користејќи закани и насилство.
Неодамна против него беа поднесени уште пет пријави. Меѓу тужителите има двајца мажи и три жени, од кои едната тврди дека имала 13 години кога Комбс ја силувал. Дополнително, Комбс се товари дека дрогирал еден маж и три жени. Пред неколку дена беше обвинет и дека дрогирал и силувал момче кое тогаш имало само 10 години.