Актерката и хуманитарка, која има шест деца со поранешниот сопруг Бред Пит, сега сака повеќе слобода и флексибилност во својот живот.
Според извор што разговарал со магазинот *People*, таа со години размислува да го напушти Лос Анџелес. „Таа со години зборува за тоа дека сака да си замине од Лос Анџелес. Среќна е што сега има поголема слобода и можност да прави поинакви избори“, изјавил неименуваниот извор.

На 12 јули, Џоли го одбележа полнолетството на близнаците Вивиен и Нокс, а според истиот извор, таа сега сака повеќе да патува со своите деца и да го истражува светот. „Нејзините деца отсекогаш биле нејзин главен приоритет. Сакаше тие да искусат различни култури и делови од светот, а сега со нетрпение очекува заедно да патуваат и да откриваат нови места. Таа е подготвена за тоа“, додал изворот.
Анџелина Џоли и Бред Пит се запознаа за време на снимањето на филмот *Mr. & Mrs. Smith* („Господин и госпоѓа Смит“), а се разделија во 2016 година, по 12-годишна врска и две години брак. Нивниот развод беше официјално финализиран во декември 2024 година.
Актерката уште минатата година навести дека планира да го напушти Лос Анџелес штом нејзините најмлади деца ќе станат полнолетни.

„Ќе можам да заминам оттука штом ќе наполнат 18 години“, изјави таа тогаш, мислејќи на Вивиен и Нокс. Таа додаде дека сака да им обезбеди мир, приватност и сигурност на своите деца, но дека веќе не го доживува Лос Анџелес како место каде што чувствува припадност.

