Двејн „д’ Рок“ Џонсон, најплатениот глумец за минатата 2024 година, доживеал драматичен миг што го принудил да откаже патување со приватен авион од Хаваи до Тексас, каде што требаше да учествува на спортски настан на новата американска Обединета фудбалска лига (УФЛ).
На „Инстаграм“, 52-годишниот актер го сподели своето искуство од лет што „тргнал малку наопаку“. Имено, по 40 минути лет, му пришол пилотот со сериозен израз на лицето...
- Пилотот клекна пред мене, ме погледна во очи и рече: ‘Господине Џонсон, извинете, но не може да го продолжиме летот преку океанот. Имаме проблем и мора да се вратиме во Хонолулу’... Благодарен сум што нè врати безбедно на земјата. Го сфатив ова како знак од Бога и универзумот да застанам и да размислам, раскажува Двејн.
Пилотот Дејвид му објаснил дека се работи за неправилности со хидрауликата и прегревање, што не е нешто со коешто треба да се ризикува над Тихиот Океан.
- Сите сме доживеале турбуленции, но ова беше лудо. И, се разбира, си велиш: „Дали е ова - тоа? Дали вака си заминувам? Ми стана јасно што е важно во животот!, продолжи „Карпата“.
Во свој типичен стил, не пропушти да ја зачини приказната со малку хумор, раскажувајќи како стјуардеса го прашала дали му треба нешто, а тој само побарал од својот бренд текила.
- Седев сам, со пијалакот в рака и сѐ ми стана јасно - што е важно, а што не. Имав еден од тие мигови!, заклучи глумецот, нагласувајќи дека сега уште повеќе ќе го цени животот и она што навистина има вредност.
Двејн Џонсон го зазеде првото место меѓу најплатените глумци лани, со заработка од 103 милиони долари бруто или 88 милиони долари нето. Неговата голема зделка за филмот „Црвениот“ (Red One) чини 50 милиони долари, а заработи голема сума и со „Моана 2“ (Moana 2).