Зидан се појави на КАФ за да навива за својот син кој брани за Алжир

24.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зидан се појави на КАФ за да навива за својот син кој брани за Алжир

Легендарниот француски фудбалер, Зинедин Зидан, беше присутен на трибините на стадионот „Мулај Ел Хасан“ во Рабат на натпреварот меѓу Алжир и Судан на Купот на африканските нации.

Причината е тоа што неговиот син Лука Зидан е на голот на „Пустинските лисици“.

Славниот Французин, кој често се споменува како потенцијален тренер на француската репрезентација, се обиде да остане незабележлив, облечен во црно, со очила за сонце, и со краток и донекаде срамежлив гест со кој ја поздрави публиката, обидувајќи се да не го одвлече вниманието од случувањата на теренот.

Додека Лука Зидан бранеше брилијантно, навивачите скандираа „Зизу! Зизу!“ секој пат кога ќе ја допреше топката. Лука по мечот изјави дека токму од неговиот татко , но и од неговиот дедо добил поддршка да заигра за Алжир.

„Кога ќе помислам на Алжир, веднаш помислувам на мојот дедо. Уште од мал, нашето семејство ја негува алжирската култура. Пред да одлучам да играм за репрезентацијата, разговарав со мојот дедо и тој беше пресреќен. Секој пат кога одам на собир, тој ме вика и ми кажува дека сум донел правилна одлука. Тој е горд на мене. Да го направам мојот дедо горд играјќи за Алжир е исклучително важно за мене – следниот дрес ќе биде за него“, рече Лука Зидан.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата