Анализирајќи кој како работеше во овој зимски преоден рок, може да се каже дека германските клубови ги направија најсензационалните трансфери. Немаше спектакуларни трансфери како во претходните години, но она што се случуваше овој месец најголем впечаток оставија бундеслигашите – пред се со трансферите на Халанд, Одриозола, Пјонтек, Емре Џан… Со право Бундеслигата го понесе епитетот „кралеви на зимскиот преоден рок 2020“ во споредба го другите четири европски фудбалски шампионати (Лига 1, Ла Лига, Премиер лига, Серија А). По нив е Серија А, а потоа другите…
ПРЕМИЕР ЛИГА
Манчестер Јунајтед го комплетираше трансферот на Бруно Фернандеш од Спортинг после „милионски“ обид, а за крај, во очаен обид за да донесе напаѓач го ангажираше некогашниот фудбалер на Вотфорд, Одион Игало кој дојде од Кина на позајмица. Ливерпул одамна си го обезбеди Минамино од Салцбург и си го затвори трансферниот прозорец. Од забележителните трансфери е позајмицата на Валентин Лазаро од Интер во Њукасл. Арсенал се пофали со Пабло Марин и Седрик Соареш.
ЛА ЛИГА
Барселона во последниот ден од преодниот рок се пофали со ангажманот на двајца млади фудбалери. Португалецот Тринкао и бразилскиот дефанзивец Матеус за 41 милион евра (31+10) но тие ќе пристигнат на „Ноу Камп“ летоска, а дотогаш ќе си играат за своите клубови Брага и Палмеирас.
Атлетико Мадрид си го врати крилниот напаѓач Јаник Караско кого претходно го испрати во Кина. Валенсија од Италија ги донесе Џеисон Муриљо и Алесандро Флоренци. Севиља се пофали со Сусо од Милан, Виљареал го засили нападот со Пако Алкасер од Борусија Дортмунд. Реал Мадрид не се расфрлаше со пари, си го задржа Герет Бејл за кого се интересираше Тотенхем. А Рајнер од Фламенго ќе дојде дури летоска.
БУНДЕС ЛИГА
Ерлинг Халанд, момчето кое го бараше пола Европа, пристигна во Борусија Дортмунд. „Милионерите“ направија паметен потег со негов ангажман од Салцбург затоа што веќе постигна пет гола и тоа во првите два натпревари… „Милионерите“ го засилија својот тим со германскиот репрезентативец Емре Џан, некогашниот играч на Баерн и Баер, а дојде од Јувентус. Баерн донесе само еден играч, дефанзивецот Алваро Одриозола од Реал Мадрид за да ја пополни дупката во одбраната поради повредите на неколку клучни играчи во дефанзивниот ред.
Лидерот РБ Лајпциг изненади со тоа што го купи шпанскиот крилен напаѓач Дани Олмо, кој блескаше во Динамо Загреб, а за кого интерес пројави и Барселона. Херта за 27 милиони евра си го купи „својот Левандовски“ – Кжиштоф Пјонтек кој блескаше во Џенова, а потоа потона во Милан.
ЛИГА 1
ПСЖ не пазареше, а се очекуваше тимот да го напуштат Кавани и Курзава. После едномесечни перипетии двајцата останаа до крајот на сезоната. Лион ги ангажираше Токо Екамби и Бруно Гимараеш. Рен го донесе екс-играчот на Рома Стивен Нзонзи, Монако го одбра Шуамени од Бордо за кого плати 20 милиони евра, а Лил се засили со Нико Гаитан.
СЕРИЈА А
Фиорентина најмногу се покажа во овој преоден рок од италијанските клубови. „Виолетовите“ потрошија (ќе потрошат) 90.000.000 евра за ангажман на нови играчи. Патрик Кутроне дојде од Вулверхемптон, потоа ангажираа уште неколку играчи Амрабат, Игор, Куаме, Агудело, Данкан сите на позајмица со задолжителен откуп на лето и таа сума може да достигне до 90 милиони евра.
Интер пазареше од Премиер лигата, Кристијан Ериксен е најзвучното име за кого се платени 20 милиони евра. Дојдоа Ешли Јанг и Виктор Мозес.
Јувентус го купи Дејан Кулушевски но не за сега. Тој остана во Аталанта и летоска ќе дојде во Торино.
Лацио беше мирен, Милан освен што го врати Ибрахимовиќ, во очаен потег ги донесе Салемакерс од Андерлехт и го врати Лаксалт од позајмица во Торино. Нови играчи се уште Беговиќ и Кјер.
Наполи во Станислав Лоботка го гледа новиот Хамшик, потоа ги ангажира Петања, Амир Рахмани, Диего Деме и Матео Политано. За сите плати 65 милиони евра.
Аталанта купуваше непознати имиња. Но знаејќи ја нивната работа очекуваме од нив да заработат многу пари во иднина: Шутало (Осијек), Сибора (Хераклес), Тамезе (Ница), Беланова (Бордо), Калдара (Милан).