Познат англиски клуб во проблеми: Му се заканува одземање на 12 бода!

19.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Познат англиски клуб во проблеми: Му се заканува одземање на 12 бода!

Шефилд Јунајтед се соочува со сериозна криза надвор од теренот и закана да му бидат одземени дури 12 бода во Чемпионшип, бидејќи оваа среда во Врховниот суд започнува постапка за ликвидација поради неплатени долгови од над 41 милион евра.
Приказната датира од декември 2024 година, кога американскиот конзорциум „COH Sports Bidco Limited“ го презеде англискиот клуб за нешто повеќе од 100 милиони евра. Поранешните сопственици, компанијата „United World“ предводена од саудискиот принц Абдула бин Мосад Ал Сауд, тврдат дека договорените пари никогаш не им биле целосно исплатени, па на 8 јули поднесоа барање за ликвидација на компанијата што го купи клубот. Иако постапката формално не е директно насочена против самиот Шефилд Јунајтед, доколку долгот не се намири или не се постигне договор, распуштањето на купувачот директно се заканува да се прелее на табелата и судбината на тимот во остатокот од сезоната.
Целата работа е дополнително комплицирана со необичен корпоративен маневар од јуни, кога акциите на клубот одеднаш беа префрлени на новата американска компанија „1919 Partners LLC“. И покрај ова, лидерите на претходниот конзорциум, Стивен Розен и Хелми Елтухи, останаа на чело на клубот.
Компанијата „Јунајтед Ворлд“ отворено ги обвинува американските бизнисмени дека со основањето на нова компанија само се обиделе да избегнат плаќање на доверителите и практично да го преземат клубот без никакви вложени пари, со забелешка дека од почетокот на постапката не пристигнала никаква понуда за спогодба. Од друга страна, сегашното раководство возвраќа ударот и ги отфрла обвинувањата. Тие велат дека клубот денес е финансиски стабилен – за разлика од периодот под принцот Абдула кога веќе губеа бодови поради нерешени трансфери – и го обвинуваат саудискиот принц дека им штети на навивачите со евтини медиумски настапи, додека тие се фокусираат на одржливоста и претстојната сезона.
Саудијците брзо одговорија дека ако клубот е навистина толку стабилен, а сопствениците толку богати како што тврдат во медиумите, парите можат веднаш да се исплатат и целата драма ќе заврши.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата