Ете, ја имаме веројатно најлудата приказна на Мундијалот. Семејството мислело дека исчезнал во Соединетите Американски Држави, дури и Интерпол се придружи на потрагата, но всушност – англискиот навивач Мајкл Хјуит (65) ги поминувал деновите во Барселона, посетувајќи барови и гледајќи натпревари од Светското првенство на ТВ. Необичната приказна заврши со среќен епилог по десет дена неизвесност. Наместо да патува од Барселона до Бостон, каде што планираше да ја следи репрезентацијата на Англија на Светското првенство, Хјуит остана во Шпанија откако го изгуби мобилниот телефон.
Неговиот брат Гари објасни дека токму тој момент сè променил.
„Го изгубил телефонот кратко по пристигнувањето во Барселона и не знаел ниту еден од телефонските броеви што биле зачувани на него“, рече Гари.
Без телефон или пристап до интернет, Хјуит не можел да контактира со своето семејство. Иако имал пасош и пари со себе, не мислел дека Британската амбасада ќе може да му помогне.
„Тој дури и не помислил да оди во амбасадата. Имал пасош и пари, па не верувал дека ќе бидат заинтересирани да му помогнат“, додаде неговиот брат.
Во тој период, семејството немало никакви информации за него од 21 јуни. Последната трага биле фотографии на Фејсбук каде што бил виден во бар во Барселона, по што му се губи секаква трага. Како што минувале деновите, Британската канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој и Интерпол се придружиле на потрагата, додека членовите на семејството се обидувале да добијат какви било информации преку социјалните медиуми.
Иронично, човекот по кого речиси цела Европа трагала не знаел ни дека е пријавен за исчезнат.
„Наместо да паничи, тој едноставно уживал во Барселона и ги гледал натпреварите на Англија во баровите“, рекол Гари.
На крајот, мистеријата била решена благодарение на банкарските картички. Британската амбасада можела да ги следи трансакциите, да утврди во кој хотел престојува, а потоа да го контактира и да го обедини со неговото семејство.
„Како семејство, сакавме оваа приказна да има едноставен, но среќен крај. За среќа, токму така заврши“, напишал Гари откако било потврдено дека неговиот брат е пронајден жив и здрав.

